Во последниот период на повеќе локации во селото Трпејца се насобрани големи количини отпад, кој со недели не е отстранет, стои во апелот на жители на селото, испратен до медиумите.
– И покрај редовното плаќање на комуналните услуги од страна на жителите на селото, ЈП „Комуналец“ очигледно не ги извршува своите основни обврски за одржување на хигиената во населеното место. Дополнително загрижува фактот што ниту Месната заедница на селото Трпејца, ниту локалната самоуправа досега не реагираат на овој проблем кој е повеќе од очигледен. Се поставува сериозно прашање: ако комуналните служби не можат да го решат овој проблем надвор од туристичката сезона, кога бројот на посетители е значително помал, што ќе се случува во екот на сезоната кога селото е преполно со туристи? Ова не е изолиран проблем. Во текот на претходната туристичка сезона жителите на селото се соочија и со сериозни проблеми со водоснабдувањето, кога по 15:00 часот делови од селото остануваа без вода. Според информациите од жители, до тоа доаѓало поради намерно затворање на шиберите од страна на вработени во водовод, поради високи сметки за струја. И покрај тоа, жителите редовно ги плаќаат своите сметки, реагираат жителите.
Тие додаваат дека, покрај проблемот со отпадот, во селото има проблем и со искршени клупи, неуредени и неискосени тревници и неисправно улично осветлување.
Апелираат на итна реакција од надлежните институции и решавање на овие проблеми пред почетокот на новата туристичка сезона.








