Поради лошото време, фестивалот „Денес сè е во знакот на џезот“, во организација на Националниот џез оркестар, наместо на отворено, ќе се одржи во Филхармонијата.
Фестивалот ќе се одржи по 10. пат по повод Светскиот ден на џезот. Организаторите информираат дека сите концерти ќе се реализираат според планираната програма. Влезот е слободен.
Програмата започнува во 16 часот со настапот на „Пич вајс џез“, по што следува „Некст ту сајленс“. Од 18:30 часот ќе свири интернационалниот проект „Франтик зен“, предводен од Арнау Гарофе, кој носи уникатен музички спој.
Во 19:45 часот ќе се изведе проектот „Жако живее!“, посветен на легендарниот басист Жако Пасториус. Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со Дејн Алдерсон, под диригентската палка на Зиги Фајгл.
Фестивалската вечер ќе заврши со легендарните „Леб и сол“ (фото) од 21:30 часот.








