Против предложените измени и дополнувања на законот за пратеници чиј член 2 се дополнува со услов кој пропишува дека пратеник може да биде само лице со македонско државјанство има поднесено точно 177 амандмани, рече Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Два од СДСМ, 18 има ДУИ и 148 има независниот пратеник Бејџан Илјаз. Ова законско решение, заедно со законските решенија за Собрание, законот за Деловник на собранието, законот за политичките партии, таксативно се наведени во рамки на Деловникот, се закони кои што можат да бидат блокирани од еден пратеник во собранието“, истакна Пренџов.
Наредните парламентарни избори ќе бидат последни со техничка влада, како што беше досега, Македонија, како општество, има постигнато ниво на политичка зрелост, дека има демократска култура, рече Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма во контекст на предложениот Закон за влада. Законското решение мина на собраниската Комисија за политички систем и, како што најави тој, ќе биде ставено на првата наредна седница.
„Сметам дека техничката влада беше за едни други времиња, сега веќе тие времиња ги нема. Таа е надживеана и истата требаше многу поодамна да биде укината“, изјави Пренџов.
Својата теза за т.н. Пржинска влада ја образложи со локалните избори во 2021 година и во 2025 година кои, како што рече, „државата и институциите ги организараа на еден извонреден начин“.
„Поразениот му честиташе на победникот и немаше никакви забелешки“, вели Пренџов.








