Кривичниот совет ја прифати согласноста меѓу одбраната на Стојан Чифлигароски и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, па мерката притвор му ја замени со куќен притвор.
Истовремено определи мерка на претпазливост-одземање на важечките патни исправи на осомничениот (две патни исправи), соопштија од Кривичен суд Скопје.
Одлуката следува откако обвинителството дало позитивно мислење за предлогот на одбраната, наведувајќи дека истражната постапка е во завршна фаза, како и дека здравствената и семејната состојба на Чифлигароски, поткрепена со медицинска документација, се околности што одат во прилог на поблага мерка.
Против одлуката за замена на притворот со куќен притвор странките имаат право на жалба во рок од 24 часа од приемот. Жалбата не го одложува извршувањето на одлуката.
Чифлигароски се врати во Македонија на 22 септември годинава, кога беше лишен од слобода на граничниот премин „Свети Наум“. Тој се предаде по повеќегодишно бегство и се бараше со централна потерница распишана по наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Бизнисменот од Битола е осомничен во предметот „Синџир“, во кој се истражува за кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси од казниво дело. Во предметот се истражуваат сомневања за организирана шема за даночни злоупотреби.






