Почна масовната вакцинација на овци и на кози против болеста сипаници, во осум региони во Македонија. Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија и со кампањата треба да бидат опфатени 3.417 стада со вкупно 438.042 животни, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Во првата фаза, вакцинацијата ќе се спроведува во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и во Североисточниот Регион, каде што се евидентирани 1.859 стада со 193.527 животни. Во втората фаза ќе бидат опфатени Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион, со 1.558 стада и 244.515 животни.
Предвидена е и трета фаза за дополнителна вакцинација на животните што не биле опфатени во првите две фази, вклучително и младите животни што дополнително ќе ја достигнат потребната возраст за имунизација.
Од АХВ посочуваат дека вакцинацијата е важна мерка за спречување на ширењето на болеста и за намалување на ризикот од нејзино понатамошно појавување.






