Во првите девет месеци од годинава, преку граничниот премин Џепиште – Требиште, кој го поврзува дебарскиот регион со областа Голо Брдо во Албанија, поминале вкупно 36.938 патници, што претставува раст од 9 % во однос на истиот период минатата година, кога биле евидентирани 33.890 патници.
Според податоците на Секторот за внатрешни работи – Охрид, ова е највисока фрекфенција на патници регистрирана на овој премин од неговото отворање во 2013 година.
Портпаролот Стефан Димоски информира дека 2.457 од патниците се македонски државјани, а останатите 34.481 се жители на областа Голо Брдо од албанска страна.
Август – месец со најголем број преминувања
Најголем проток е забележан во месец август, кога преку преминот поминале 6.441 лица, од кои 448 домашни, а 5.993 албански државјани.
Зголеменото движење се должи на доаѓањето на иселениците во своите родни места, како и на зголемениот број туристи кои ја посетуваат областа.
Граничен премин со регионален карактер
Преминот Џепиште – Требиште е од регионален карактер и може да го користат само жителите на граничниот регион, односно населението од дебарскиот крај и областа Голо Брдо.
Тој претставува втор граничен премин на овој дел од границата, покрај ГП „Блато“, и игра значајна улога во локалната прекугранична комуникација.
Работно време и сезонски режим
Преминот беше отворен во мај 2013 година, а функционира со сезонски режим на работа:
во летниот период, од 1 април до 31 октомври, работи од 08:00 до 20:00 часот,
во зимскиот период, од 1 ноември до 31 март, од 08:00 до 18:00 часот.
Повторно актуелизирана иницијатива за 24-часовно работење
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана повторно го актуализира барањето до македонската и албанската влада да го реализираат договорот постигнат на заедничката седница во Поградец во декември 2017 година, со кој е предвидено преминот да функционира 24 часа дневно.
Според друштвото, оваа мерка би овозможила зголемување на бројот на туристи и развој на поголема економска и културна размена, имајќи ја предвид природната убавина и историското значење на регионот Голо Брдо.






