Од 5 до 11 октомври Министерството за внатрешни работи спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон непрописното користење мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди при учество во сообраќајот.
Контролите се дел од меѓународната кампања на ROADPOL „Focus on the Road“, која истовремено се спроведува во 34 европски држави, со цел намалување на ризиците од одвлечено внимание и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Од МВР предупредуваат дека пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања и користењето социјални мрежи додека се управува возило го одвлекуваат вниманието од патот и го зголемуваат ризикот од сообраќајни незгоди.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и целосно фокусирани на патот, со порака: „Возете внимателно – гледајте го патот. Телефонот оставете го за подоцна.“






