Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, соопшти дека започнува реализацијата на проектот за реконструкција на Граничниот премин Делчево – инвестиција од големо значење за општината и целиот источен регион.
Проектот го реализира Царинската управа со финансиска поддршка од Европската унија преку инструментот ИПА III.
Предвидени активности:
реконструкција на управната зграда на ГП Делчево;
реконструкција на зградата за стоково царинење;
реконструкција на асфалтните површини и подземните водови;
поставување нова дигитална вага за товарни возила.
Договорот за градежните работи е потпишан во јули 2026 година, а со тоа се создадени услови за почеток на конкретни активности на терен.
Гоцевски упати благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, до Министерството за транспорт и министерот Александар Николоски, како и до Европската унија за финансиската поддршка.
„Делчево добива помодерен, пофункционален и подобро организиран граничен премин – една од најважните порти кон Бугарија и Европската унија. Ова е значајна инвестиција за стопанството, транспортот, туризмот и за сите граѓани кои секојдневно го користат преминот,“ изјави градоначалникот.






