Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да започне постапката против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица за злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Обвинителството на 13 август годинава поднесе предлог-обвинителен акт против Артан Груби и уште седум лица, кои се сомничат дека во текот на 2023 и 2024 година заеднички преземале дејствија со кои ги надминале границите на своите овластувања и посебни службени должности, со цел да ѝ нанесат штета на Државната лотарија во вредност од 507.632.173 денари.
Сите обвинети се товарат за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 во врска со став 4 и член 22 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна до пет години.
По автоматската распределба, предметот му е доделен на судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Првообвинетиот – поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, сè уште не им е достапен на органите на прогонот, односно се наоѓа во бегство. За него Обвинителството бара да му биде определен куќен притвор во траење од 30 дена.
За второобвинетиот, Артан Груби, предложено е продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, која му беше изречена заедно со претходната мерка – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна исправа или друга исправа за преминување на државната граница.
Со оглед на тоа што Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог-обвинителен акт, мерката притвор, согласно член 470 став 4 од Законот за кривичната постапка, може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа, односно најмногу 60 дена, сметано од 13 август.
Груби, по повеќе од 14 месеци во бегство, во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце. По неговото сослушување во Обвинителството, наместо да биде задржан во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, од безбедносни причини му беше изречена мерка куќен притвор.






