Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков денеска, на почетокот на новата учебна година беше во Вељуса, каде заедно со наставниците и родителите на единствениот првооделенец од ова населено место му посакаа успешен почеток во основно образование во училиштето ООУ ,,Сандо Масев” ПУ Вељуса.
„Секоја промена носи емоции, особено кога станува збор за нашите деца. Најважно е тие да имаат добри услови за образование, да учат, да се развиваат и да имаат можност да бидат дел од средина во која ќе стекнуваат нови знаења и другарства. Како Општина, наша обврска е да обезбедиме поддршка и еднакви можности за секое дете, без разлика каде живее“, истакна Јанков.
За нашите ученици од шесто до деветто оделение кои досега следеа настава во подрачното училиште во Вељуса обезбеден е организиран превоз до ООУ „Сандо Масев“ во Струмица.
Наставниот кадар ќе го задржи својот работен ангажман согласно законските можности, а Општината останува посветена на обезбедување посоодветни и подобри услови за учениците и наставниците.
По повод почетокот на новата учебна година, Градоначалникот упати честитка до сите ученици, наставници и родители, со порака дека Општина Струмица и понатаму ќе продолжи одговорно да вложува во образованието и во иднината на своите најмлади жители.
„Ќе продолжиме да ги носиме потребните одлуки и да вложуваме таму каде што се најпотребни – во нашите деца и во нивната иднина“, порача Градоначалникот Петар Јанков.






