Суд во Азербејџан осуди деветмина новинари, медиумски работници и активисти поврзани со независниот медиум „Toplum TV“ на затворски казни во траење од 12 до 15 години, пренесува АП.
Меѓународните организации за заштита на новинарите ја осудија пресудата, оценувајќи дека станува збор за политички мотивиран случај во кој властите во Азербејџан се обидуваат да ги замолчат критичките гласови.
„Toplum TV“ беше еден од последните големи независни медиуми во таа земја, познат по известувањето за корупцијата и социјалните проблеми.
Основачот и директор на „Toplum TV“, Аласгар Мамадли, беше осуден на 14 години затвор.
Активистите Акиф Гурбанов и Руслан Изетли, кои исто така се поврзани со медиумот, добија по 15 години затвор. Другите новинари и активисти беа осудени на казни од 12 до 14 години.
Тие се обвинети за незаконско примање и користење средства од западни донатори како дел од „организирана криминална група“. Сите ги негираа обвиненијата.
Адвокатот на дел од обвинетите, Елчин Садигов, изјави за АП дека ќе поднесе жалба на пресудите.
„Ова е незаконска и политички мотивирана судска одлука поврзана со нивната новинарска работа. Судот не прифати ниту едно од барањата на одбраната“, рече Садигов.
„Toplum TV“ беше еден од водечките независни интернет-медиуми во Азербејџан, земја со околу 10 милиони жители во регионот на Јужен Кавказ.






