Оставката на обвинителката Ленче Ристоска отвори силна политичка и јавна реакција, при што ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како момент што ја разобличува состојбата во правосудството, но и како пресврт кој, според нив, носи надеж за обесправените граѓани.
Од партијата посочуваат дека Ристоска до пред само еден месец јавно и самоуверено тврдела дека токму таа треба да застане на чело на обвинителството и да ја донесе „толку посакуваната правда“. Според нив, ваквите ставови важеле само додека исходот од изборот бил во нејзина корист.
Во моментот кога институциите постапиле согласно закон и не ја потврдиле нејзината кандидатура, како што наведуваат, наративот за силно и независно обвинителство исчезнал и бил заменет со обвинувања за притисоци и загрозен интегритет.
Во соопштението се поставува прашањето дали принципите важат само кога носат личен напредок и дали борбата против криминал и корупција може да се смета за кредибилна ако завршува таму каде што започнува личното разочарување.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска зборува за ослабување на институциите, но токму ваквиот пристап – условување на ангажманот со функција – е дел од проблемот кој со години ја нарушува довербата во правосудниот систем. Наместо континуитет и професионализам, како што велат, сведочиме на селективна принципиелност, каде институциите се добри кога одлуките се во наша корист, а лоши кога не се.
Партијата потсетува дека Ристоска била дел од поранешното Специјално јавно обвинителство, кое, според нив, било водено од „рекет-дружината на Катица Јанева“ и кое, како што тврдат, прераснало во механизам за политички прогон. Во таа насока се споменува и изјава на обвинителката Лејла Кадриу, која, според нив, сведочи дека тогашни високи политички функционери биле директно вклучени во изборот и насочувањето на предметите.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека јавноста има право да знае дали оставката на Ристоска е чин на принципиелност или политички перформанс насочен кон градење личен наратив на жртва.
„Вистинската борба за владеење на правото не завршува со избор или неизбор на функција, таа започнува токму тогаш“, наведуваат од партијата, додавајќи дека на институциите им се потребни луѓе кои ќе работат доследно и професионално, без оглед на личниот исход.
Во заклучокот се нагласува дека правдата не смее да биде селективна и дека наместо декларативни заложби, потребни се конкретни дела. „Сè друго е потврда дека за некои правдата е прашање на позиција, а не на принцип“, стои во реакцијата.








