Во акција на МВР со ДЕА, пресретнат е канал со кокаин и запленети се над 300 кг дрога. По брза размена на информации од страна на Отделот за криминалистичка полиција при МВР и Службата за борба против дрога на САД (ДЕА), од страна на германската полиција запленети се над 300 килограми кокаин.
Според германските медиуми, кокаинот бил откриен на големопродажен пазар во Нирнберг. При проверка на пратката со банани, еден од вработените забележал дека една од гајбите е необично тешка. По отворањето биле пронајдени пакувања со кокаин, по што полицијата и царинските служби провериле дополнителни картонски кутии распоредени на 50 палети. Дрогата била скриена во товарен контејнер со банани, кој од Еквадор допатувал на пристаниште во Холандија, а од таму стигнал до Германија.
Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар се проценува на околу 20 милиони евра.






