Економскиот развој на Северна Македонија е тесно поврзан со продлабочувањето на стратешките партнерства и конкретната соработка со пријателските земји, порачаа од коалицијата ВЛЕН.
Оттаму информираат дека по повеќе од 12 години Северна Македонија и Турција повторно го активирале високиот дијалог за патен транспорт, што се оценува како значаен чекор за зајакнување на економската и институционалната соработка меѓу двете држави.
Во Скопје, заменик-министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи остварила средба со заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Турција, Дурмуш Унувар, при што бил потпишан нов протокол за патен транспорт.
Со новиот протокол е договорено зголемување на квотите за дозволи за меѓународен превоз на стока, како и обезбедување дополнителни дозволи за 2026 година.
Според ВЛЕН, овие мерки ќе донесат директно олеснување за превозниците, ќе придонесат за зголемување на транспортот на стоки и ќе ја интензивираат трговската размена меѓу Северна Македонија и Турција.
Од коалицијата истакнуваат дека стратешките партнерства не претставуваат само дипломатска активност, туку конкретен инструмент за економски развој, отворање нови можности за бизнис-заедницата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.








