Еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, соопшти дека е постигнат договор за суштински реформи во високото образование, со кои, како што истакна, се поставува нов правец за развој на системот.
Според Меџити, заедно со владините партнери е постигната согласност за донесување на Законот за високо образование, со што, како што нагласи, се става крај на долгогодишниот формализам и се воведува принципот на меритократија.
Тој посочи дека со новите решенија се укинува х-индексот, се обезбедува заштита на работните места и се отвораат можности за праведен напредок во академската заедница.
Меџити истакна дека универзитетите на албански јазик ќе бидат позиционирани како рамноправни и конкурентни, а дополнително, инвестицијата во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ ја потврдува определбата за квалитетно образование.
„Ова е одлука што го турка системот напред и гарантира правичност за сите“, порача Меџити, додавајќи дека реформите претставуваат значаен чекор кон модернизација на високото образование.








