Контроверзниот Виктор Стојанов најавува дека преку продажба на капи, чаши за кафе и блузони, брендирани со неговата бугарска фондација наречена „Македонија“, ќе ја финансира мрежата од медиуми во Македонија, за кои, како што вели самиот Стојанов, потребни се минимум 3.000 евра месечно. Притоа, тој порачува дека крајната цел е формирање на политичка партија на Бугарите во земјава, која ќе настапи на следните парламентарни избори, чиј редовен термин е во 2028 година, пишува „Фокус“.
Во видеообраќање, Стојанов деновиве рече дека веќе во продажба се маици со логото на Фондацијата од 20 евра, додека во следниот период ќе бидат пуштени во продажба и зимски блузи од 25 евра, порцелански чаши за кафе и чај од 6 евра, како и капи, за да се финансираат активностите во Македонија, чија конечна цел е формирање на политичка партија која, според него, ќе освои пратенички места и ќе има министри.
–Имаме многу медиуми во С.Македонија, сакаме уште, сакаме да им помогнеме на Бугарите таму да создадат своја силна политичка партија. Тоа е нашата стара цел од 2021, но немаме напредок во реализацијата поради бизнис-елитата во Македонија, а без бизнис и капитал тешко се прави партија. Но, сега имаме идеја како да ја реализираме партијата без бизнис, целта е да се учествува на следните парламентарни избори во Македонија – вели Стојанов.






