На прв поглед, Вентворт во Јужен Јоркшир изгледа како совршено зачувано англиско село од некое друго време. Камени куќи, уредени тревници, традиционални пабови и речиси идентични фасади создаваат впечаток дека времето таму застанало.
Но зад идиличната слика се крие долг список правила кои жителите мора да ги почитуваат доколку сакаат да живеат во селото.
Вентворт се наоѓа на приватен имот со кој управува Fitzwilliam and Wentworth Trust, а целта на строгите правила е да се зачува историскиот изглед и карактерот на местото.
Едно од најпознатите правила се однесува на влезните врати.
Сите врати мора да бидат во иста зелена боја
Жителите не можат едноставно да одлучат својата врата да ја бојадисаат во црвена, сина, црна или која било друга боја.
За куќите е пропишана посебна зелена нијанса позната како „Wentworth Green“.
Според управителите на имотот, ваквата униформност не е случајна. Таа е дел од поширокиот концепт за зачувување на традиционалниот изглед на селото.
Истото правило важи и за прозорците.
Куќите се изградени главно од локален песочник со карактеристична медена боја, а рамките на прозорците мора да останат во крем или бела нијанса.
Ниту дворовите не смеат да изгледаат запуштено.
Од жителите се очекува тревниците, дрвјата и градините редовно да се одржуваат, така што целото село да го задржи својот препознатлив изглед.
Не може кој било мајстор да работи на куќите
Правилата стануваат уште построги кога ќе дојде време за поправка или реновирање.
Жителите немаат целосна слобода да изберат кој ќе работи на нивниот дом.
За одредени интервенции се користат одобрени изведувачи кои имаат искуство со традиционалната архитектура и знаат како да работат без да го нарушат историскиот изглед на објектите.
Посебно внимание се посветува на симетријата на прозорците и вратите, материјалите, покривите, па дури и на деталите како олуците.
Целта е модернизацијата на куќите да не го промени карактерот на селото.
Нема ниту класична понуда на продавници и брза храна
Вентворт не личи ниту на типично модерно населено место кога станува збор за продавниците и угостителските објекти.
Во селото нема голем број синџири за брза храна, продавници за вејп производи или модерни комерцијални локали.
Наместо тоа, понудата е ограничена на неколку традиционални објекти, меѓу кои пабови, кафуле и локална продавница.
За дел од жителите токму тоа е една од главните предности на животот таму.
Еден од нив го опишал Вентворт како место кое наликува на „враќање во минатото“.
Жителите сакаат уште построго ограничување на брзината
Правилата и иницијативите не завршуваат кај куќите.
Во селото во моментов важи ограничување на брзината од 30 милји на час, односно околу 48 километри на час.
Но дел од жителите бараат таа граница дополнително да се намали на 20 милји на час, или околу 32 километри на час.
Причина е зголемениот број автомобили и посетители кои доаѓаат во областа поради познатите туристички атракции, меѓу кои Wentworth Woodhouse и Wentworth Garden Centre.
За некои – премногу правила, за други – идеално место за живот
Иако на луѓето однадвор ваквиот систем може да им изгледа претерано строг, дел од жителите велат дека токму правилата се причината поради која Вентворт останал толку уреден и препознатлив.
Некои семејства живеат таму со генерации, а постојат и традиции поврзани со наследувањето на закупот на одредени имоти.
Практично секој визуелен детал е контролиран – од бојата на вратата и прозорците, преку изгледот на дворот, до начинот на кој се вршат поправките.
И токму затоа Вентворт денес изгледа речиси исто како пред многу децении.
За некого тоа би било премногу ограничувачки.
За жителите на Вентворт, пак, тоа е цената што ја плаќаат за живот во едно од најдобро зачуваните историски села во Англија.






