Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави значајни инвестиции во спортската инфраструктура за младите, со фокус на училишниот спорт, при што во дворот на ОУ „Даме Груев“ се реализираат два крупни проекти – затворен базен и нов спортски комплекс.
Според Коњановски, проектот за затворениот базен, кој се реализира во соработка со Министерството за спорт, е доведен во напредна фаза, иако претходно бил стопиран и без конкретен напредок. Со ангажман на институциите, активностите повторно се интензивирани, а целта е објектот по неговото завршување целосно да ги исполни сите стандарди и да обезбеди квалитетни услови за учениците.
Тој посочи дека локалната самоуправа внимателно ја следи состојбата и е подготвена да ги реализира сите дополнителни инвестиции кои ќе бидат потребни за комплетирање на проектот. Во меѓувреме, изведувачот на градежните работи постапува по забелешките на надзорот со цел да се обезбеди квалитетна изведба.
Во однос на партерното уредување околу базенот, Коњановски објасни дека истото ќе се реализира по завршување на изградбата на спортските игралишта, бидејќи токму преку тој дел моментално се одвива пристапот за механизацијата и доставата на градежни материјали.
Општината веќе ги има исполнето своите обврски во делот на инфраструктурата, вклучително водоводен и канализационен приклучок, како и обезбедување електрична енергија за објектот.
Паралелно со базенот, во училишниот двор се градат повеќенаменски спортски игралишта со вкупна површина од 1.311 квадратни метри. Терените ќе бидат наменети за ракомет, кошарка и одбојка, со што учениците ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.
Овој проект се реализира во рамките на вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука, и претставува дел од пошироката стратегија за унапредување на спортската инфраструктура и поттикнување на здрави навики кај младите.
Со ваквите инвестиции, Битола прави значаен чекор кон подобрување на условите за физичка активност и развој на спортскиот дух кај учениците, создавајќи современи и функционални простори за нивниот раст и напредок.








