Доброволно или на сила, узурпаторите ќе мораат да ја напуштат Куклица. Судот донесе времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот тактко Милош Димитровски ќе мораат да се оддалечат од локалитетот Камени Кукли и да го предадат во владение на надлежните институции. Ако одбијат, полицијата насилно ќе ги исфрли од кругот на објектот.
Градоначалникот на Кратово Тодорче Николовски тврди дека по повеќегодишни судски постапки и кривични пријави, за првпат има конкретна судска одлука која треба да стави крај на спорот.
Случајот со Куклица стана актуелен откако жител на Кратово јавно објави дека на локалитетот неовластено се наплаќа влез од посетителите и туристите,кои ако тоа го одбијат добиваат закани и кон нив се пуштаат кучиња.
Од МВР велат дека против Стојна Димитровска, нејзиниот татко Милош и нивното здружение е поднесен обвинителен акт за узурпација на недвижности, а против Стојна има и казнен налог поради закани кон туристи. Во меѓувреме, Општина Кратово доби првостепена пресуда со која тужените треба да го предадат локалитетот, но предметот сѐ уште е пред Апелација.Градоначалникот тврди дека станува збор за луѓе кои претходно биле вклучени во проект поврзан со локалитетот, финансиран со европски пари.
Дополнителни сомнежи отворија и финансиските извештаи на здружението, според кои, иако со години наплаќало влезници на посетители, пријавило добивка од само илјада денари. Дали со најновата судска мерка конечно ќе заврши долгогодишната сага околу Камените Кукли, ќе зависи од спроведувањето на одлуките на судот и постапувањето на надлежните институции.








