Со 43 гласа „за“ и 17 „против“, усвоен извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи ( АФЕТ) во Европскиот Парламент.
Европратениците порачаа- напредокот во реформите е недоволен, постои силна политичка поларизација, предупредија на малигно странско мешање и кампањи за дезинформации.
Усвоени беа 11 компромисни амандмани – со се уште непозната содржина за јавноста и два амандмани на бугарските европратеници кои бараат резултати од историската комисија со Бугарија и имплементација на протоколите.
Известувачот Вајц претходно, во обраќање пред членовите на АФЕТ , извештајот за Македонија го нарече тешко досие кое се подготвувало со голема поддршка од 5 групи во Европарламентот.
Европратениците порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ, но жалат што има недостаток на напредок од последниот извештај за земјата, недоволен напредок во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Ги повикаа сите политички партии во земјата да се оддалечат од жестата реторика и да соработуваат за унапредување на патот кон ЕУ. Предупредија на странско мешање и дезинформациски кампањи.
Европски Парламент : Изразувајќи загриженост за недоволниот напредок во независноста на судството и напорите за борба против корупцијата, европратениците предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Тие нагласуваат дека одржливиот економски раст зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
Усвоени се и амандманите 371 и 374 , во кои бугарските европратеници бараат резултати од историската комисија со Бугарија, се повикуваат на членот 12 од Договорот за добрососедство со барање за трета меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија и имплементација на протоколите.
– Изразува силна загриженост што последната седница на Заедничката Меѓувладина комисија, формирана според член 12 од Договорот за пријателство,
добрососедство и соработка се одржа на 17 јули 2022 година и оттогаш не е одржана нова сесија; ги повикува владите на Бугарија и Северна Македонија брзо да ја организираат Третата сесија на ЗМК за да продолжат кон имплементација на Договорот и неговите протоколи;
-Силно ја повикува заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, формирана како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија, да постигне јасни и опипливи резултати; текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија.
Се уште не се знае дали амандманот 108 на известувачот Вајц, е вметнат во компромисните амандмани кои денеска го поминаа филтерот на АФЕТ. Во него
се бараше правната служба на Европскиот Совет да оцени дали Вториот Проткол со Бугарија е дел од преговарачката рамка.
Извештајот за Македонија денеска беше изгласан брзо, а известувачот Вајц кратко порача дека иднината на земјата е во Европската унија. Следен чекор е гласање на пленарна седница која се очекува до крајот на месецот.








