Унгарија започна со јавно објавување на досиејата на информаторите на комунистичката државна безбедност, со што по повеќе од 35 години од падот на режимот се отвора едно од најчувствителните прашања од минатото на земјата.
Владата на премиерот Петер Маѓар го избра 4 ноември за почеток на објавувањето, датум на кој во 1956 година советските сили ја задушија унгарската антикомунистичка револуција. Отворањето на архивите беше едно од главните изборни ветувања на Маѓар и неговата партија Тиса.
„Станува збор за задоцнета, тешка и чувствителна тема што ќе засегне многу семејства. Но без ова нема промена на системот“, порача Маѓар.
Со децении објавувањето на досиејата беше предмет на политички спорови. Според порталот „Телекс“, партијата Фидес на поранешниот премиер Виктор Орбан од 2010 година повеќе од 30 пати гласала против целосно отворање на архивите.
Новите мерки предвидуваат објавување регистри со имињата на информаторите, вклучително и архивските картички со податоци за лицата што биле евидентирани од тајните служби. До февруари 2027 година се планира да бидат достапни и дополнителни досиеја.
Се проценува дека базите би можеле да содржат податоци за 50.000 до 60.000 лица, од вкупно околу 150.000 луѓе кои биле заведени како информатори.
Сепак, директорот на Историскиот архив на службите за државна безбедност предупредува дека документите не секогаш се веродостојни, бидејќи дел од лицата биле евидентирани и без нивно знаење, а многу досиеја биле уништени или останале нецелосни.
Историчарите оценуваат дека отворањето на архивите ќе овозможи нови истражувања и јавна дебата за одговорноста за време на комунистичката диктатура. Дел од нив сметаат дека одлуката доаѓа предоцна за да има поголеми практични последици, но дека сепак претставува важен чекор во соочувањето со минатото.






