Ова навистина го налути претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Шефот на европскиот фудбал зборуваше на оваа тема пред повеќе од еден месец, а сега одлучи да го искаже својот став во официјална форма.
Како што објавија светските медиуми, Европската фудбалска унија е решена да се спротивстави на трендот на играње натпревари од националните првенства надвор од границите на земјата, поради што одлучи да заземе цврст став.
Имено, германскиот Bild објавува дека УЕФА напишала писмо и го испратила до сите 55 фудбалски федерации што работат под нејзино покровителство, предупредувајќи ги повеќе да не прават такви работи. Или, поточно, да не го прават тоа без претходна консултација со УЕФА.
„Ова е комплексно прашање кое може да има далекусежни последици и не се однесува само на гореспоменатите федерации. Со оглед на чувствителноста на ова прашање, ве молиме да не закажувате вакви натпревари без претходна консултација со УЕФА“, се вели, меѓу другото, во писмото на УЕФА.
Медиумите понатаму наведуваат дека ова прашање ќе биде подетално разгледано на следниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА, кој ќе се одржи на крајот од годинава.






