Дваесет и петгодишната Јетлира Фониќи, која била во деветтиот месец од бременоста, била убиена во неделата, на 23 август, околу 23:20 часот во семејната куќа во селото Кервасари во општина Малишево на Косово од страна на нејзиниот 26-годишен сопруг, кој потоа се обидел да изврши самоубиство, објавија српските и косовските медиуми.
Полициските патрупли ги затекнале во спалната соба сопружниците со рани нанесени од огнено оружје. Бремената жена околу 0:15 часот била донесена во Итната помош во Универзитетскиот клинички центар во Приштина без знаци на живот, а нејзината смрт била официјално потврдена во 1:10 часот. Нејзиниот сопруг бил примен со тешки повреди опасни по живот и се наоѓа под непрекинат медицински надзор.
На местото на настанот било пронајдено и одземено огненото оружје со кое е извршено злосторството, а телото на жртвата било пренесено во Институтот за судска медицина во Приштина за обдукција.
Државното обвинителство покрена постапка за кривичните дела тешко убиство и неовластено поседување оружје, а во соработка со полицијата ги презема сите дејствија за утврдување на сите околности околу злочинот. Од настраданата 25-годишна жена на социјалните мрежи се простуваат членовите на нејзиното семејство.






