Покрај камерите на Safe City на патиштата, сообраќајните прекршоци во иднина ќе се откриваат и со помош на мобилна опрема поставена во полициските возила, откри министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија, Панче Тошковски.
Тој најави дека голем дел од возниот парк на МВР, вклучително и цивилните полициски автомобили, ќе биде опремен со уреди за автоматско евидентирање прекршоци, меѓу кои и непочитување на ограничувањето на брзината. Со новиот начин на контрола треба да се спречи возачите да го приспособуваат возењето само на местата каде што се поставени камери, а да ги прекршуваат правилата на останатите делници.
Тошковски посочи дека досегашната практика покажала оти дел од возачите ја намалуваат брзината кога се приближуваат до камерите, но продолжуваат да возат спротивно на правилата таму каде што нема надзор.
– Во иднина голем број од полициските возила, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди со кои ќе може да се констатираат неколку прекршоци, изјави министерот.
Прекршоците утврдени со помош на овие уреди ќе се евидентираат директно во дигиталниот систем. Тоа значи дека возачите нема да можат однапред да предвидат каде ќе наидат на полициско возило опремено со мобилна камера.
За само 10 дена од официјалното ставање во употреба, камерите на Safe City, на територијата која на опкрива СВР Охрид забележаа дури 1.415 сообраќајни прекршоци. Брзото возење останува најголемиот проблем, па дури 1.211 од сите регистрирани прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина.






