Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, во телевизиско гостување на регионалната ТВ Стар посветено на отчетот за првите 100 дена од мандатот, говореше за финансиската состојба во општината, економските приоритети и капиталните проекти што следуваат.
Тој истакна дека е наследен долг од речиси 61.770.000 денари, што претставува значителен товар ако се има предвид дека буџетот за 2026 година изнесува околу 117 милиони денари. „Скоро половина од буџетот или 1,5 милион евра, Општина Пробиштип должи кон разни изведувачи, добавувачи, правни и физички лица“, рече Тоневски, додавајќи дека ваквата состојба е изненадување за граѓаните, особено по претходните изјави за ликвидноста на општината.
Градоначалникот најави финансиска стабилизација, враќање на наследените долгови, но и продолжување со реализација на започнатите проекти, дел од кои веќе се отпочнати и покрај неповолната градежна сезона.
Како клучен приоритет го посочи економскиот развој.„Додека сум градоначалник, во Пробиштип повеќе нема да има простор да дојде инвеститор да побара парцела, а да не може да добие“, изјави Тоневски, прецизирајќи дека станува збор за лесна и незагадувачка индустрија, бидејќи, како што рече, „на нас ни е доста од загадувањето“.
Во таа насока, општината започнува постапка за изработка на нов Генерален урбанистички план (ГУП), а паралелно ќе се изработуваат и детални урбанистички планови (ДУП-ови) кои треба да се усогласат со актуелните потреби. Распишана е и тендерска постапка што опфаќа индустриски развој и зони за лесна и незагадувачка индустрија.








