Најголем број од претставките за дискриминација се однесуваат на работните односи, а најчесто доаѓаат од државниот сектор, каде граѓаните пријавуваат дискриминација врз политичка и етничка основа, посочи Томшиќ.
„Во делови на напредување на кариерата се најмногу на политичка основа, дискриминација. Најмногу доаѓаат од државниот сектор каде или ја наведуваат политичката или етничката состојба“, изјави Томшиќ.
Според него, околу 50 проценти од претставките се поврзани со работните односи, а значителен дел се однесуваат и на прашања што ги засегаат синдикатите.
„Најмногу е директната дискриминација и вознемирување. Индиректната е насочена кон неутрални прописи што би можеле да афектираат одредени лица, но тука сепак се работи за директно насочена дискриминација“, рече Томшиќ.
Тој објасни дека дискриминацијата најчесто се манифестира преку вознемирување на работното место, преместување на подалечни работни позиции или деградирање на вработените.
„Најмногу се појавува во форми на вознемирување, праќање на други места на работа кои не се блиску до вашето живеење или со одредени наредби ве спуштаат на две места подоле или ве тераат да потпишете дека сакате да одите две места подоле. Тоа се повторува континуирано во текот на повеќе месеци“, посочи тој.
Томшиќ се осврна и на дискриминацијата на бремените жени, нагласувајќи дека проблемот најчесто се јавува кај договорите на определено време.
„Има работодавачи кои кога ќе дознаат дека жената сака да се оствари како мајка или дека почнала постапка, веднаш се решаваат да го прекинат договорот, без притоа да се гледа дали тоа работно место и понатаму му е потребно на работодавачот“, изјави Томшиќ.
Тој додаде дека поради зголемениот број вакви случаи е донесена општа препорака со која се предлага во новиот Закон за работни односи да се предвидат механизми за намалување на ризикот од ваква дискриминација.
„Жените треба слободно да си го планираат своето семејство, без да се плашат дека ќе ги изгубат своите работни места“, порача Томшиќ.








