Централна Европа долго време беше гледана како простор со пониски трошоци, поевтина работна сила и локација погодна за преселување на дел од производството „од Запад кон Исток“. Но денес сликата е многу посложена и поразлична. Полска, Чешка, Унгарија и Словачка, односно земјите од Вишеградската група, веќе не се само „производни продолженија“ на западноевропските компании. Тие создадоа сопствени индустриски капацитети, растечки домашни пазари, инфраструктура, квалификувана работна сила и сè поголема куповна моќ. И токму затоа стануваат важни како потрошувачи, а не само како производители. Токму тој факт, во моментов, на Германија ѝ значи многу…
Полска, Чешка, Унгарија и Словачка не се само „новите фабрики“ на Европа. Тие се новите потрошувачи, инвеститори и економски партнери. Токму затоа Централна Европа може да стане еден од најважните замајци за германскиот извоз во следната фаза. И тука се крие парадоксот на денешната европска економија. Имено, во момент кога Германија губи дел од своите позиции на најголемите светски пазари, спасот не го бара нужно преку океанот или на другиот крај на светот. Го наоѓа – сè повеќе – во своето соседство. Ако Вишеградската група е сигнал за Германија, тогаш зошто тој сигнал да не го препознае и Македонија?
Една економска статистика понекогаш кажува повеќе од стотици страници економски анализи. Во првата половина од годинава германските компании извезле во Полска стоки во вредност од 53,8 милијарди евра (а во Кина – 36,3 милијарди). Самата споредба е доволно впечатлива. Полска, земја што пред само неколку децении беше дел од поинаков економски систем и која по големина не може да се споредува со Кина, денес за германската индустрија прераснува во поголем извозен пазар од кинескиот. Уште повпечатлив е трендот. Германскиот извоз кон Полска пораснал за 9,2 проценти, а кон Чешка за дури 14 проценти. Во исто време, извозот кон САД се намалил за 6,5 проценти. Тоа е слика на една голема економска транзиција. Германија, најголемата индустриска економија во Европа, сè поинтензивно го пронаоѓа својот економски простор во сопственото источно соседство.
Од „европска периферија“ до индустриски партнер
Централна Европа долго време беше гледана како простор со пониски трошоци, поевтина работна сила и локација погодна за преселување на дел од производството од Запад кон Исток. Но денес сликата е многу посложена. Полска, Чешка, Унгарија и Словачка – земјите од Вишеградската група – веќе не се само производни продолженија и приврзоци на западноевропските компании. Тие создадоа сопствени индустриски капацитети, растечки домашни пазари, инфраструктура, квалификувана работна сила и сè поголема куповна моќ. И токму затоа стануваат важни како потрошувачи, а не само како производители. Тоа е суштинската промена, а овој факт, во моментов, на Германија ѝ значи многу. Германската економија не заработува во Централна Европа само затоа што таму има германски фабрики. Таа заработува затоа што таму има компании, градежништво, инфраструктурни инвестиции, индустрија, земјоделство, енергетика и милиони потрошувачи на кои им се потребни германски машини, опрема, возила, технологии, хемиски производи и полупроизводи.
Вишеградската група – германска инфузија
Кога ќе се погледне Централна Европа како единствен економски простор, нејзината тежина станува уште поочигледна. Полска, Чешка, Унгарија и Словачка заедно претставуваат пазар од десетици милиони жители, интегриран во единствениот европски пазар и длабоко поврзан со германската индустрија. Но најважниот капитал не е само бројот на жители.
Тоа е економската динамика. Во земјите на Централна Европа се градат патишта, железници, логистички центри, фабрики, енергетски капацитети, станбени и деловни објекти. Индустријата се модернизира, а европските фондови и приватните инвестиции создаваат дополнителна побарувачка.
Секоја нова производствена линија бара автоматизација, софтвер, електрична опрема, роботика и индустриски компоненти.
А токму во овие сегменти Германија има што да понуди. Затоа економскиот однос меѓу Германија и Централна Европа не е обична трговија. Тој станува индустриски екосистем.
Германската индустрија добива нова длабочина
Една од најважните лекции од актуелните германски податоци е дека географската близина повторно станува економска предност. Со години глобализацијата се темелеше на претпоставката дека производството може да биде каде било, а производите ќе патуваат до каде било.
Но геополитичките тензии, трговските конфликти, пандемијата, нарушените синџири на снабдување и растечкиот протекционизам го променија калкулаторот на европските компании. Одеднаш, фабриката на неколку стотини километри станува поинтересна од фабриката на неколку илјади километри.
И тука Централна Европа добива огромна предност. Полска, Чешка, Унгарија и Словачка се доволно блиску за логистика во реално време, а доволно големи за да создаваат сериозна побарувачка.
Полска – пример за економска промена
Полска е можеби најдобриот пример за оваа нова европска географија. Германскиот извоз кон Полска покажува дека еден брзорастечки европски пазар може да стане поважен за една голема индустриска економија. Полска истовремено е производен центар, логистички центар и голем потрошувачки пазар. Токму комбинацијата на овие три функции ја прави стратешки важна.
Чешка, пак, покажува колку силна може да биде побарувачката за германски производи кога домашната економија расте. Добрата состојба на градежниот сектор, на пример, значи поголема побарувачка за германски полупроизводи, инвестициона опрема и машини. Значи, германскиот извоз расте затоа што растат неговите соседи. Тоа е можеби најважната порака.
– Германскиот пример покажува една економска вистина што често се заборава во малите и средните европски држави: пазарот не се мери само со бројот на жители, туку со неговата способност да купува, да инвестира и да се развива. Централна Европа има токму таква апсорпциона моќ.
Нејзината вредност за германската економија не е само во денешната побарувачка туку и во идната. Колку повеќе растат Полска, Чешка, Унгарија и Словачка, толку повеќе расте и потенцијалниот пазар за германските производи – велат повеќе мои соговорници, бизнисмени од Германија.
Токму тоа создава позитивна спирала… инвестициите го зголемуваат производството, производството ја зголемува вработеноста, вработеноста ја зголемува потрошувачката, а потрошувачката создава нова побарувачка за производи и услуги.
– Треба да се избегне и погрешниот заклучок дека Централна Европа може едноставно да ги замени Кина и САД. Не може. Големината на американскиот и кинескиот пазар е неспоредлива. Но прашањето за Германија повеќе не е само каде можеме да извезуваме најмногу туку и од кои пазари можеме да зависиме помалку. Во таа смисла Централна и Источна Европа стануваат стратешки важни. Тие овозможуваат диверзификација на германскиот извоз без напуштање на европскиот економски простор – велат германските бизнисмени со кои разговаравме на оваа тема.
И земјите од Западен Балкан во иднина можат да претставуваат дополнителен економски простор за европските компании
Оттука произлегува и пошироката политичко-економска порака. Ако Европа сака да биде конкурентна во свет во кој се натпреваруваат САД, Кина и други големи економски центри, тогаш нејзиниот внатрешен пазар мора да биде што е можно поголем, подобро поврзан и подлабоко интегриран. Проширувањето кон исток и југоисток не е само политички проект. Тоа е и економски проект!
Така, и земјите од Западен Балкан во иднина можат да претставуваат дополнителен економски простор за европските компании. Тоа значи нови инвестиции, инфраструктура, производни синџири и, се разбира, нова побарувачка.
За Германија ова е можност да создаде поширока европска економска база. За Централна и Југоисточна Европа тоа е можност да се позиционираат како дел од европскиот индустриски мотор.
Новата лекција за Германија
Германија со децении профитираше од глобализацијата. Нејзините машини, автомобили, хемиски производи и индустриски технологии се продаваа на сите континенти. Но светот се менува. А кога глобалниот простор станува понеизвесен, соседството добива цена. Германија денес ја открива економската сила на својот источен соседски појас.
Полска, Чешка, Унгарија и Словачка не се само „новите фабрики“ на Европа. Тие се новите потрошувачи, инвеститори и економски партнери. Токму затоа Централна Европа може да стане еден од најважните замајци за германскиот извоз во следната фаза. И тука се крие парадоксот на денешната европска економија. Имено, во момент кога Германија губи дел од своите позиции на најголемите светски пазари, спасот не го бара нужно преку океанот или на другиот крај на светот. Го наоѓа сè повеќе во своето соседство. Ако Вишеградската група е сигнал за Германија, тогаш зошто тој сигнал да не го препознае и Македонија?
Ако Вишеградската група е шанса за Германија, тогаш зошто таа шанса да не ја препознае и Македонија?
Македонската економија пред најголемата потенцијална можност
Во Европа се создава нова економска географија. Германија, со една од најмоќните индустриски економии на континентот, во услови на пад на извозот кон Кина и САД, сè посилно се насочува и се потпира на Централна и Источна Европа. Полска веќе станува голем извозен пазар за Германија. Чешка е веднаш зад неа. Унгарија и Словачка се меѓу најважните германски трговски партнери. Тоа е порака што Македонија би требало внимателно да ја прочита. Ако најголемата европска економија гледа во Централна Европа простор за нов раст, тогаш една мала економија како македонската не треба да го игнорира овој регион. Тој треба да биде – стратегија. Прашањето не е дали Македонија може да биде Полска или Чешка. Не може. Прашањето е дали може да се вклучи во економскиот простор што го создаваат тие земји. Одговорот е – да
Полска, Чешка, Унгарија и Словачка – Вишеградската група – претставуваат нешто многу повеќе од политичка координација. Тие се дел од една од најдинамичните економски зони во Европа. Германскиот пример покажува колкава е апсорпционата моќ на овој простор. Во првата половина од годината, германскиот извоз кон Полска достигнал 53,8 милијарди евра, кон Чешка 30,3 милијарди евра, додека Унгарија и Словачка исто така се меѓу дваесетте најзначајни трговски партнери на Германија. За Македонија ова треба да биде силен мотив да влезе во економски костец. Ние премногу често го мериме нашиот извоз според тоа колку можеме да продадеме денес. Треба да почнеме да размислуваме и за тоа каде расте побарувачката – утре. А таа побарувачка расте токму во Централна Европа.
Вишеградската група не е само политички формат
И сигналот од Чешка е особено важен за Македонија. Кога расте градежништвото, расте побарувачката за машини, опрема, полупроизводи, технологии и инвестициони добра. Кога се модернизира индустријата, се отвора простор за доставувачи. Кога се градат инфраструктурни проекти, се создава нов пазар. Тоа е економскиот механизам што Македонија мора да го разбере.
Според мене, не треба само да прашуваме: „Што можеме да извеземе во Чешка, во Полска, во Унгарија, Словачка?“ Треба да прашаме: „Што ќе им треба на овие земји во следните десет години? Што ќе ѝ треба на Чешка? Што ќе ѝ треба на Унгарија? Што ќе ѝ треба на Словачка?“ А потоа треба да изградиме македонски производи и услуги токму за тие потреби. Ова е мое размислување од позиција на бизнисмен во Германија.
Македонија има една предност што не смее да ја потцени: малите економии се флексибилни!
Македонија не може да се натпреварува со Полска по големина на пазарот, ниту со Германија по индустриска моќ. Но „малата големина“ може да биде предност ако значи – брзина. Една мала економија може побрзо да донесе одлука, побрзо да промени регулатива, побрзо да поврзе институции, побрзо да отвори нова индустриска зона и побрзо да се приспособи кон побарувачката. Тоа значи дека Македонија не треба да се обидува да биде „мала Германија“. Треба да стане ефикасен партнер на полската, чешката, унгарската и на словачката економија.
– Најголемата грешка би била Македонија повторно да се обиде да ја гради својата економска стратегија само врз евтината работна сила. Тоа е модел со ограничен рок. И самиот германски пример покажува дека современата економска поврзаност со Централна Европа не се темели само на преселување фабрики во земји со пониски трошоци. Во германскиот извоз кон исток уделот на полупроизводите и производите за понатамошна обработка е во опаѓање. Тоа значи дека односот станува посложен. Германците не продаваат само компоненти за туѓи фабрики. Продаваат технологии, машини, опрема и решенија на растечки економии. И Македонија тука треба да ја бара својата шанса – ни ги споделуваат своите размислувања колеги бизнисмени од Германија, во разговор за реструктурирањето на малите економии како што е македонската економија и потребата да биде флексибилна и со голема антиципативна моќ во делот од економските политики, но и стопанските комори, кои активно треба да се вклучат како советодавни тела на владите.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Муцунски, за Амбасадорскиот совет: Економската дипломатија во самиот центар на дипломатската активност
Годинава Амбасадорскиот совет, кој ќе се одржи утре, е замислен како „обид македонската дипломатија да направи исчекор од класичната дипломатска реторика кон конкретни и мерливи резултати“. Пораката на министерот Муцунски е дека „дипломатските претставништва повеќе не треба само да ги следат глобалните процеси туку и навреме да ги препознаваат ризиците и можностите за државата“. Тоа значи поактивна дипломатија во услови на сериозни геополитички и безбедносни турбуленции, но и посилна институционална координација во земјата.
Директниот дијалог на амбасадорите со државниот врв треба да обезбеди усогласени позиции и појасна стратегија во настапот кон меѓународните партнери. Во тој контекст, европската интеграција останува главното стратешко сидро, со задача македонските дипломати поаргументирано да ги претставуваат реформите и националните позиции пред европските престолнини. Но можеби најзначајната промена е ставањето на економската дипломатија во самиот центар на дипломатската активност. Барањето секој амбасадор да биде и економски промотор отвора прашање како политичките односи со другите држави ќе се претворат во инвестиции, извоз и нови пазари за домашните компании.
Истовремено, фокусот врз дигитализацијата на конзуларните услуги и дијаспората покажува дека дипломатијата се обидува да ја доближи својата работа до граѓанинот. Вистинскиот тест, сепак, нема да биде во формулациите усвоени на Амбасадорскиот совет, туку во резултатите што ќе се видат по него. Ако нови инвестиции, нови пазари, подобри услуги и посилни меѓународни позиции станат мерливи показатели, тогаш Амбасадорскиот совет навистина може да прерасне во инструмент на активна и резултатски ориентирана дипломатија! П.Р.
Заменик-претседателот и министер за надворешни работи на Република Чешка, Петр Мацинка, во Скопје
Посетата на чешкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Петр Мацинка во Скопје доаѓа во момент кога македонската перспектива кон Европа повторно е во фокусот на македонската надворешна политика. Средбата со нашиот министер Муцунски не е само протоколарна туку и отвора простор за конкретно продлабочување на политичката и економската соработка меѓу двете земји. Особено е значајно тоа што Прага и понатаму ја потврдува својата поддршка за европската интеграција на Македонија. Вклучувањето на Мацинка како говорник на Амбасадорскиот совет дополнително му дава политичка тежина на неговото присуство во Скопје. Амбасадорскиот совет, пак, треба да биде повеќе од дипломатски собир. Тоа треба да е тест за тоа колку македонската дипломатија може да ги претвори политичките приоритети во конкретни резултати. По пауза од седум години, повторното физичко собирање на амбасадорите испраќа порака за обид за посилна координација на дипломатската мрежа.
Во услови на сложена регионална и европска геополитика, токму таквата координација станува клучна за артикулирање на македонските интереси. Чешката поддршка може да биде особено важна во претстојниот период, за клучните прашања поврзани со напред елаборираните идеи.
Дипломатската офанзива треба да произведе мерливи политички и економски придобивки, а овие вторите се уште поважни. Амбасадорскиот совет затоа доаѓа како можност македонската дипломатија не само да направи пресек на сработеното туку и да покаже дека има јасна стратегија за следниот чекор, која ја елабориравме во главниот текст. П.Р.
Каде е македонската шанса?
Македонија има реален потенцијал во неколку области.
· Прво, во индустриските компоненти и доставувачките синџири. Ако Полска, Чешка, Унгарија и Словачка продолжат да го прошируваат производството, ќе им требаат стотици помали доставувачи.
· Второ, во металопреработувачката индустрија, електроопремата, машинските компоненти и автомобилската индустрија, каде што Македонија веќе има одредено искуство.
· Трето, во ИТ и деловните услуги, каде што физичката оддалеченост станува сè помалку важна.
· Четврто, во автоиндустријата и прехранбената индустрија, особено таму каде што македонските производи можат да понудат квалитет, специфичност и флексибилност.
· Петто, во логистиката.
Македонија е мала, но се наоѓа на важна европска оска. Ако инфраструктурно и институционално се поврзе подобро со северот и западот на Балканот, може да стане дел од пошироките европски синџири на снабдување.
Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија






