Непочитувањето на законската обврска за навремено пријавување на имотот и интересите ги чини десетици избрани и именувани лица по 300 евра. Државната комисија за спречување на корупцијата на 29 јули изрекла вкупно 94 глоби, чија вкупна вредност достигнува 28.200 евра.
Санкциите се однесуваат на лица кои не ја доставиле изјавата за имотна состојба и интереси во рокот предвиден со закон, објави 4news.mk Меѓу казнетите има поранешни градоначалници, директори на јавни претпријатија и установи, општински советници, членови на управни и надзорни одбори, судии, пратеници и други избрани и именувани лица.
На списокот се најдоа и поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, како и поранешниот градоначалник на Пласница, Алија Јаоски.
Глоба добил и Васе Ристов по престанокот на функцијата генерален директор на Македонската опера и балет.
Кај дел од функционерите прекршувањето на обврската се повторило во различни периоди. Така, Драги Кушовски е казнет двапати – еднаш по изборот за директор на ЈСП Скопје и вторпат по престанокот на функцијата. Две одделни глоби има и Ненад Јосевски во врска со функцијата в.д. директор на ЈП „Дрисла“, додека Дарко Јангелов е санкциониран по назначувањето за секретар на Општина Виница и повторно по престанокот на функцијата.
Меѓу казнетите се и Луке Галески, по изборот за член на Советот на Град Скопје, како и Мартин Стојановски, по изборот за пратеник во Собранието.
На списокот се наоѓаат и лица именувани на раководни позиции во јавни установи и институции, меѓу кои Елена Паговска Пелтековски, Катарина Мирчовска и други функционери.
Најголем дел од случаите се однесуваат на општински советници. Меѓу казнетите има советници од повеќе општини, меѓу кои Куманово, Желино, Гази Баба, Теарце, Дебар, Охрид, Струмица, Чашка, Гостивар, Радовиш, Дебарца, Сопиште, Новаци и Демир Капија.
Од објавените податоци на ДКСК произлегува дека глобите не значат дека кај овие лица е откриен непријавен или скриен имот. Санкциите се изречени поради неподнесување на изјавата за имотна состојба и интереси во законскиот рок, било по стапување на функцијата или по нејзиното завршување.
Во дел од случаите ДКСК констатирала и неспоивост на функции, односно истовремено извршување на две функции за кои постои законска забрана, за што исто така се изречени глоби од по 300 евра.






