домаМакедонијаШасивари за правосудниот испит: Не сакаме законските решенија да се носат зад...

Шасивари за правосудниот испит: Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати

- Advertisement -spot_img

Министерството за правда отвори консултативен дијалог со правните факултети и студентите за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит.

Целта на средбата е преку отворен и конструктивен дијалог да се разгледаат предложените измени, да се слушнат ставовите на академската заедница и студентите и да се дојде до современо, правно издржано и европски ориентирано решение.

„Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина“, истакна министерот за правда, Јетон Шасивари.

Тој нагласи дека прашањето за правосудниот испит треба да се разгледува пред сè како правно и институционално прашање, при што решенијата треба да се темелат врз стручни аргументи, меѓусебна почит и конструктивен дијалог.

„Нашата цел е да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици“, посочи Шасивари.

Од Правда појаснуваат дека предложените измени имаат за цел да воспостават рамнотежа меѓу почитувањето на правото на образование и можноста за користење на другиот јазик на кој кандидатот ги завршил правните студии, од една страна, и потребата од единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга страна.

Според министерот, целта е да се обезбедат порамноправни можности за кандидатите, без притоа да се отстапи од единствените професионални стандарди што се неопходни за вршење на правните функции.

„Измените немаат за цел создавање паралелни системи за полагање на правосудниот испит, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнуваат“, нагласи министерот за правда.

Шасивари истакна дека Владата има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права, при целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди.

Во насока на обезбедување дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди, министерот најави дека ќе се побара мислење во краток рок од Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставно-правни прашања.

„Веруваме во аргументите врз кои го градиме предложениот модел и сме подготвени да ги разгледаме сите препораки што ќе произлезат од оваа постапка“, порача Шасивари.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img