Браќа и сестри, да не дозволиме разликите да бидат посилни од она што не поврзува, да не дозволиме разочарувањата да бидат поголеми од надежта и да не дозволиме минатото да ја зароби иднината. Нема да не прашуваат колку политички противници сме победиле, туку колку проблеми сме решиле и нема да не паметат по функциите што сме ги имале, туку по делата што сме ги направиле, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од завршниот митинг во општина Брвеница, во рамките на предвремените локални избори.
Мицкоски упати порака до родителите да се сетат на минатите години на власт на СДС кога учебници за нивните деца во училиште немаше и кога наставниците беа принудени да им диктираат лекции, за разлика од сега во период на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ кога сите учебници се доставуваат до училиштата уште пред почетокот на учебната година.
-Сакам да упатам порака и до пензионерите. Сетете се кога пред неколку години пензијата се зголемуваше за 100, 150, 200 денари и денеска кога во овие 24,25 месеци од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, платата на работниците и пензијата на пензионерите се зголемуваше линеарно повеќе од 7.000 денари. Сетете се дека и тоа не е можеби доволно, но е многу повеќе од тоа што се случуваше претходно, рече Мицкоски.
Мојата порака вечерва, додаде Мицкоски, е и до земјоделците да се сетат кога власта предводена од СДС им должеше две годинишни програми, а денеска без ни малку срам и чувство на вина излегуваат во Собранието и предлагаат небулозни закони, закони коишто ниту тие коишто ги предлагаат не можат да ги разберат онака како што ги напишале.
-И, додека тие мислат дека ние сме го изгубиле помнењето и дека не се сеќаваме за тоа што се случило, ние мораме да излеземе во недела масовно и да го заокружиме бројот 1 за Цоки и да им докажеме дека помниме и дека никогаш нема да дозволиме повторно тие да ни се случат, порача Мицкоски.






