Пациентките кои денеска требало да ја примат терапијата Phesgo на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија се соочиле со одложување поради проблеми со навремената испорака на лекот. Од Клиниката информираат дека причината е поврзана со дистрибуцијата и упатија извинување до пациентките.
Од Клиниката посочуваат дека ја разбираат загриженоста што ја предизвикала ситуацијата, нагласувајќи дека навременото и континуираното примање на терапијата е од особено значење за пациентките.
„Искрено жалиме за загриженоста, неизвесноста и непријатностите што ги предизвика оваа ситуација“, наведуваат од Клиниката во објавата на социјалните мрежи.
Оттаму појаснуваат дека проблемите со дистрибуцијата и испораката на лекот се надвор од нивната директна контрола. Сепак, уверуваат дека преземаат мерки во рамките на своите надлежности за терапијата да биде обезбедена во најкус можен рок.
Од Клиниката повторно им се извинија на пациентките кои денеска требало да ја примат терапијата Phesgo, заблагодарувајќи им се за трпението, разбирањето и довербата.






