Во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје била прочитана посебна молитва за американскиот претседател Доналд Трамп и за Соединетите Американски Држави по повод одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД, пишува порталот „Религија.мк“.
Според пишувањето на порталот, молитвата ја прочитал отец Михаил. За тоа сведочи и објава на Фејсбук од страна на Слаѓана Аврамоска Митрис, активистка на македонската дијаспора во САД.
Таа објави фотографија со отец Михаил и со потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), Орце Симов, направена по богослужбата во храмот, а во натписот над фотографијата, напиша дека била благодарна за посебната молитва и благословот што отец Михаил ги упатил за американскиот претседател Доналд Трамп и за Соединетите Американски Држави по повод Денот на независноста, како и за поддршката од Орце Симов.
Од МПЦ-ОА за „Религија.мк“ посочиле дека не станува збор за редовна практика во сите храмови, туку за самоиницијативна одлука на конкретниот свештеник.







