Во конкуренција со судии кои имаат двојно повеќе стаж од него, актуелниот судијата во Вишиот управен суд, Субхи Јакупи, е избран за претседател на Управниот суд. Ја доби подршката од мнозинството членови на Судскиот совет, со оценка дека неговата програма, досегашното искуство и познавањето на управното судство го издвојуваат меѓу кандидатите. Во расправата, повеќе членови ја истакнаа неговата способност за раководење, искуството стекнато во Вишиот управен суд и квалитетот на програмата што ја презентирал. Па така, Исамедин Лимани оцени дека Јакупи добро ќе раководи со судот, додека Ивица Стефановски како аргумент ја наведе и правичната застапеност. Данка Ристова посочи дека неговата програма се издвојува од програмите на останатите кандидати и дека во неа се препознава учеството на Јакупи во конституирањето на управното судство, при што биле јасно лоцирани и слабостите во системот. Поддршка за неговиот избор дадоа и Садула Изаири, кој се повика на програмата, личните квалитети и претходното искуство на кандидатот, како и Џенета Бегтовиќ, која нагласи дека Јакупи бил заменик-претседател на Вишиот управен суд и на тој начин стекнал значително искуство во управување со судска институција. Арлинда Кадри-Шахиновиќ се приклучи кон позитивните оценки за кандидатот, а Тања Чачарова-Илиевска истакна дека седумгодишното искуство во Вишиот управен суд е доволно за да ги согледа состојбите и проблемите во управното судство. Поддршка изразија и Аритон Ала, кој му го честиташе изборот, како и Владо Камбовски, кој оцени дека Јакупи ја понудил најдобрата програма.
Против неговиот избор се изјасни единствено Сузана Јошевска, според која Јакупи е кандидатот со најмал судиски стаж меѓу пријавените и единствениот кој нема судиски стаж во судот со кој треба да раководи. Таа оцени и дека неговата програма содржи цели, но тие не се доволно разработени.
За раководното место во Управниот суд пријавени беа Ѓоко Живковски, судија во Управниот суд со 12 години судиски стаж, избраниот-Субхи Јакупи, судија во Вишиот управен суд со седум години судиски стаж, Едита Наскова, судијка во Вишиот управен суд со 14 години стаж и Газменд Фејзули, судија во Управниот суд со 18 години стаж.
Пред да стане судија во Вишиот управен суд во 2018 година, Јакупи и беше познат на јавноста како член на Државната изборна комисија кој заедно со уште седум колеги од тогашниот состав си поделиле бонуси за ангажман за локалните избори во 2017 година. Информацијата ја обелодени поранешниот американскиот амбасадор Џес Бејли, а посочените под јавниот притисок поднесоа оставки од функциите од лични причини. Јакупи беше и заменик министер за правда од ДУИ. (П.А.)






