Во скопскиот кривичен суд денеска продолжува процесот каде обвинет за наведување на самоубиство е Стојанче Јовановски, сопруг и татко на Ивана и Катја кои починаа на 2 март по пад од балкон во скопската населба Тафталиџе. Испитуван е сведокот Мартин Саздов, поранешен пријател на Стојанче. Саздов рече дека е скаран со обвинетиот Стојанче. Обвинителката Адела Бојчевиќ која го застапува обвинението го праша Саздов како се чувствува денеска, после 2 март 2026 година.
-Од тој датум како животот да ми застана. Немам веќе мотивација за живот, рече Саздов.
Запрашан за тоа од каде го познава обвинетиот Стојанче, Мартин Саздов истакна дека се запознале 2021 година на работа бидејќи заедно се вработиле во пожарна. Рече дека со Стојанче се дружеле две години, а се дружел и со сега покојната Ивана.
-Почнавме да излегуваме цело време, заедно со Стојанче, Ивана, Катја и после некое време и со мојата девојка. Престанавме да се дружиме со Стојанче кога дознав дека се гледал со мојата девојка. Кога дознав за тоа, пред година и половина, две години – се тргнав од него, рече Саздов.
До 2 март 2026 година Стојанче и Мартин уште биле колеги на работа во пожарната служба но во различни станици едниот во Ѓорче, другиот во Автокоманда.
За односот со покојната Ивана, сведокот Мартин истакна дека додека се дружеле, Ивана ја гледал како сестра, најдобра другарка.
-Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме. Но во август 2025 година ми се јави Ивана во 1 навечер со плачење. Ми рече „извини што ти ѕвонам толку касно, немам на кого да му се јавам, јас и Катја сме пред Штип, може ли да дојдеш да не земеш, Стојанче не тепаше и не исфрли од кола“. Се облеков, отидов да ја земам. Прво не можев да ја најдам Ивана, па таа ми кажа дека се на 5 километри пред Штип позади банкина, се криеле со Катја. Ми рече дека се наоѓа на автопатот од страната за накај Скопје. Ѝ реков да излезе да ја видам каде се наоѓа точно, свртев назад кон Скопје и ги видов од десната страна како стојат покрај банкината. Ивана беше целата модра, искубана, плачеа двете со Катја. Ги земав и заминавме накај Скопје. Ја прашав каде да ја однесам, ми рече страв ми е да одам дома, да не ме тепа пак. Ја прашав дали да ја однесам кај мајка ѝ, но таа одговори дека не сака мајка ѝ да ја гледа во таква состојба. Ја однесов кај мене, сестра ми беше дома, јас реков ќе излезам, да не ви биде незгодно. Требаше сабајле да одам на работа, тие да си седат раат, рече Саздов.
По пат додека ги враќал дома Ивана и Катја, Саздов раскажа дека Ивана плашела многу, се гушкале со Катја седнати позади во возилото.
-Се обидов да ја смирам, ја прашав што се случило. Ми рече „гледав на телефонот на апликацијата, го утнав патот и Стојанче се изнервира и почна да ме тепа“. И Катја раскажуваше за тоа што се случило. Катја ми кажа дека Стојанче ја удирал главата на Ивана од наслонувачот за раката помеѓу двете седишта. Катја ми покажуваше со раката дека Стојанче ја удирал главата на Ивана од наслонувачот. Забележав модрици кај Ивана на главата, на рацете, целата беше искубана и исплашена, додаде Саздов.
Ивана и Катја му раскажале дека ги исфрлил од автомобилот како партали, ги нарекувал „к…и мали“ и двете.
Саздов рече дека Стојанче ја тепал Ивана и пред него кога се дружеле, тој му сугерирал да престане но бил со врзани раце и не можел ништо друго да направи.
Саздов рече дека Ивана му раскажувала дека Стојанче кон неа и кон Катја
-По настанот во Штип се зближивме многу со Ивана и ми раскажуваше дека сака да се разведе од него, дека ги тепа, дека многу ги малтретира, дека не ѝ посветува внимание на Катја, дека ја тепа Ивана пред Катја. Ивана се плашеше од Стојанче многу. Ми викаше „Мартин не го знаеш каков психопат е, ќе ме убие, не можам да издржам веќе не знам што да правам“. Ѝ велев, не се секирај, сите ќе ти помогнеме но таа пак беше исплашена многу, затворена беше не зборуваше ни со нејзините. Се обидував на секој начин да ѝ помогнам но не успеав, рече Саздов.
Ивана после настанот во Штип поднела тужба за развод, отишла да живее кај мајка ѝ, а таа и Саздов почнале да излегуваат заедно секој ден, сведочеше тој.
-Ја шетавме Катја. Ја носевме Катја во Зоолошка, на лулашки, во „Џамбо“, ја шетавме цело време. Се обидував да им биде убаво, да не бидат под стрес, да не бидат исплашени. Но Ивана секој ден ми зборуваше „Мартин не знаеш каков психопат е, ќе не убие двајцата“. Јас ѝ реков не се секирај има институции, ќе го решат проблемот. Во тој период бидејќи се зближивме излегувавме многу, ја засакав, и таа ми кажа – Мартин како што ми е сега со тебе во животот, никогаш не ми било вака, се чувствувам многу сигурно со тебе и смирено. Почнавме љубовна врска, да, додаде Саздов.
Кога се шетале по кејот, Стојанче ги следел.
-Излезе пред нас, не следел. На Ивана ѝ кажав да се тргне. Стојанче сакаше да се тепа, јас му велев „дај смири се, и ти си излегувал со две мои девојки, додека се дружевме, да зборуваме смирено“. Отидовме во Автокоманда и ме праша од кај ми била таа информација, од кај сум знаел дека се гледал со мои поранешни две девојки. Јас дознав преку наш заеднички другар. Отидовме да се видиме со тој наш заеднички другар. Се расправавме таму, се завлековме, разговаравме на повисок тон, потоа се качив во автомобил да си одам. Се залета Стојанче со неговото возило и удри директно во двете возачки врати на моето возило, опиша Саздов.








