Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во телевизиско гостување говореше за бугарските донации во Општина Пустец, бугарските пасоши, пописот на населението и односот на албанската и македонската држава кон македонското малцинство во Албанија.
Стерјовски нагласи дека МАЕИ не е против хуманитарната помош или бесплатните медицински прегледи за жителите на Пустец, туку, како што истакна, против политичката и медиумската употреба на тие активности за создавање впечаток дека во општината живеат Бугари.
„Ние бевме против донациите што дојдоа токму од фондации од Бугарија и кои овие донации ги искористија во медиумите за да покажат дека во Општина Пустец живеат Бугари“, рече Стерјовски.
Во разговорот, новинарот Фроку посочи дека Пустец има сериозен недостаток од лекари, амбуланти, аптека и друга здравствена инфраструктура и постави прашање зошто би било спорно доаѓањето на бугарски лекари кои бесплатно ги прегледуваат жителите.
Стерјовски се согласи дека состојбата со здравствената инфраструктура во Пустец е сериозна, но оцени дека токму ваквата состојба создава простор за политичко влијание.
„Најпрво вината е на нашата држава што нè остави во таа состојба. Овој вакуум сега го користи Бугарија за да го исполни, а тоа што го прави, го прави токму за овие цели“, истакна претседателот на МАЕИ.
Тој посочи дека, според него, хуманитарните активности не треба да се претвораат во политичка пропаганда, особено во периодот на пописот.
Стерјовски се осврна и на прашањето за бугарските пасоши, нагласувајќи дека нивното добивање за дел од албанските граѓани претставува финансиски бизнис во кој се плаќаат значителни суми, а не доказ за националната припадност.
„Ние не сме против луѓето, ако сакаат – кој сака нека земе. Не сме против тоа што самите жители ќе прават. Но, бугарските пасоши не се бесплатни – тие се купуваат“, истакна Стерјовски.
Тој повтори дека, според неговите наводи, за добивање бугарски пасош се плаќаат илјадници евра, а за некои случаи сумите достигнуваат и 15.000 до 20.000 евра.
„Ова е бизнис, како што ви реков, профитабилен со милиони евра“, рече Стерјовски, посочувајќи и на случаи за кои, како што наведе, албанската полиција презела мерки поради сомневања поврзани со плаќања за бугарски пасоши.
Според Стерјовски, поседувањето бугарски пасош не значи дека лицето е Бугарин, бидејќи државјанството и националната припадност се две различни категории.
„Националноста не ти ја одредува пасошот. Во Општина Пустец можат да имаат пасоши од секакви држави – Шпанија, Франција, Америка, Канада, Австралија, Грција… Тоа не значи дека на пописот треба да се изјаснат според пасошот“, нагласи Стерјовски.
Посебен дел од разговорот беше посветен на пописот на населението во Албанија. Стерјовски нагласи дека МАЕИ барала жителите да можат слободно и без притисоци да се изјаснат за својата национална припадност.
„Побаравме да се прекине алката на притисок што ја вршеше бугарската амбасада преку посредниците за бугарски пасоши, како и овие фондации… за луѓето да се остават слободно да се изјаснат онака како што се чувствуваат – па и како Бугари, ако така се чувствуваат – но да се изјаснат самите, а не преку притисоци“, истакна Стерјовски.
Во продолжение тој се осврна и на посетите на бугарскиот амбасадор во периодот на пописот, тврдејќи дека неговото присуство во Голо Брдо и Мала Преспа и активностите поврзани со донации претставувале мешање во процесот на попишување.
Стерјовски посочи дека МАЕИ во тој период реагирала јавно, но дека, според него, немало соодветна реакција од македонска страна.
„За жал, македонската влада воопшто не се заинтересира и ја остави оваа празнина што ја исполни Бугарија“, рече Стерјовски.
Во телевизиското гостување беше отворено и прашањето за положбата на Македонците во Албанија, односите меѓу Албанија, Македонија и Бугарија, влијанието на бугарските активности во Мала Преспа и правото на македонската заедница слободно да го изразува својот национален идентитет.






