Со иста реченица на иста тема, ги издаде средношколците кои најверојатно користеле вештачка интелигенција на полагањето државна матура. Биле откриени кога биле прегледани нивните тестови. Доколку се знае дека темите и насоките ги добиваат на денот на самиот испит тоа е невозможно сите да размислуваат и да пишуваат на ист начин, велат од Државниот испитен центар. На вкупно 226 им беше поништен тестот. Дел се фатени како препишуваат на лице место, додека за дел било востановено дури кога биле прегледани нивните тестови.
– Е сега тука е она што викаме „повикај пријател“. Ние знаеме дека децата имаат по два три телефони, еден оставаат. Но сето тоа после лесно се открива. Затоа сакам да знаат сите дека не може на тој начин да се користат. Подобро пет реда да ги напишат со тоа што тие го знаат и го размислуваат. Гледаме да видиме начин на размислување. Телефони имаат телефони, дали користеле вештачка интелигенција, дали нашле некаде. Знаат често оценувачите и да напишат една реченица и да им излезе текстот и веќе ние имаме податок, вели Даниела Јовчевска Михајловска, директорка на Државен испитен центар.
Нова концепција на полагање со три типа на матура – државна, стручна и уметничка, со што, сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование. Годинава матурантите го завршија полагањето на државната матура во јунскиот испитен рок со 3,66 средна оценка, пресметана по поднесени и разгледани приговори по објавените прелиминарни резултати. Просекот е речиси идентичен со ланскиот кога изнесуваше 3,69.
– Задоволна сум од оценката затоа што сметам дека таа е приближно реална. Се уште имаме отстранети од матура препишале, веројатно како што вели директорката некој се уште се снаоѓа, но процесот го зајакнуваме и мислам дека ова воопшто не е лоша оценка . Се што е над 3, 5 е многу добар успех, навистина солиден успех на целата генерација со оглед на тоа што ние не можеме да очекуваме цела генерација да има одличен успех, истакна министерката.
За полагање се пријавија 14.587 ученици . Од нив, 12.184 за државна матура, 2.276 за стручна матура и 127 за уметничка матура, но 348 ученици не дојдоа на полагање.






