Навремена реакција на Службата за безбедност на ЖРСМ Транспорт спречила обид за нанесување графити и оштетување на железничкиот имот, информира генералниот директор на претпријатието, Дејан Кошутиќ.
Кошутиќ преку објава на „Фејсбук“ соопшти дека при интервенцијата биле пронајдени материјали наменети за цртање графити, како и храна за кучиња.
„Спречен е обид за нанесување графити и оштетување на железничкиот имот“, наведе Кошутиќ, додавајќи дека случајот е предаден на надлежните органи.
Од ЖРСМ Транспорт најавуваат дека во наредниот период ќе биде засилено обезбедувањето и надзорот над возниот парк и објектите на претпријатието.
„Секој обид за оштетување на државниот имот ќе биде соодветно пријавен и процесуиран“, порача Кошутиќ. Тој упати и апел за одговорно однесување кон јавниот имот, нагласувајќи дека железничката инфраструктура е имот на сите граѓани.
„Јавниот имот е имот на сите нас“, порача генералниот директор на ЖРСМ Транспорт.






