Неколку вработени во фирма што се наоѓа во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип синоќа пријавиле здравствени тегоби кои упатуваат на можно труење со храна. Според првичните информации, повеќе од пет лица почувствувале симптоми како мачнина, повраќање и стомачни проблеми по консумирање на оброкот обезбеден на работното место, дознава М Нет телевизија.
Двајца од вработените поради влошената здравствена состојба побарале медицинска помош и примиле инфузија, додека останатите имале полесни симптоми.
Неофицијално, храната за вработените ја доставувала фирма од Кочани, а надлежните институции се очекува да ги утврдат причините за настанот и дали навистина станува збор за труење со храна.
Одговорните служби се очекува да извршат проверки и, доколку е потребно, да бидат земени примероци за лабораториска анализа со цел да се утврди изворот на здравствените проблеми.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден по официјалните проверки и извештаи од надлежните институции.








