Силен земјотре го погоди југозападен Перу доцна во саботата по локално време, при што загина најмалку едно лице, а неколку други беа повредени, јавува германската новинска агенција ДПА.
Перуанскиот геофизички институт (ИГП) објави дека јачината на земјотресот била 5,1 степен според Рихтеровата скала, а Американскиот геолошки завод (УСГС) дека јачината била 5,5.
Според ИГП, земјотресот се случил во 21.24 часот по локално време на длабочина од 24 километри јужно од градот Чупака во истоимената покраина. Неколку згради се урнале во погодената област, според првичните медиумски извештаи.
Андската земја често е погодена од земјотреси поради судир на неколку тектонски плочи. Перу, заедно со Чиле и Еквадор, се наоѓа на Тихоокеанскиот огнен прстен, сеизмички најактивната област на Земјата, пишува ДПА.






