УНИЦЕФ (Фондот на Обединетите нации за деца) неодамна спроведе сериозно истражување за злоупотребата на децата, при што, за жал, се откриени крајно загрижувачки податоци. Од 21 земја во кои биле спроведени истражувања, утврдено е дека едно од пет деца доживеало сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата.
Во Северна Македонија, околу 11.727 деца на возраст од 12 до 17 години (9,4%) кои користат интернет доживеале најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба на деца овозможена преку технологијата. Ова е сериозен аларм кој надлежните безбедносни институции во земјата мора да го сфатат сериозно и да преземат мерки за спречување на оваа загрижувачка појава, пишува „Журнал.мк“.
Над 4 милиони деца добиле сексуални слики од самите себе без нивна согласност!
Според новиот извештај објавен од УНИЦЕФ денеска, околу 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години – речиси едно од пет – биле изложени на најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата во период од само една година, во 21 земја.
Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во анализираните земји биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или на некаков вид онлајн експлоатација.
Се проценува дека повеќе од 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, на 9 милиони им било побарано да се вклучат во сексуални разговори или да споделат сексуални слики против нивна волја, додека на 4 милиони деца им биле споделени сексуални слики од самите нив без нивна согласност.
Сепак, вистинскиот обем на проблемот веројатно е многу поголем поради недоволното пријавување од страна на децата.
Повеќе од половина од случаите на злоупотреба се случиле на главните платформи на социјалните мрежи, додека помалку од 1 процент од сите случаи биле пријавени кај надлежните институции, покажува новиот извештај.
Според наодите, речиси 60 проценти од случаите се случиле на платформи на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Facebook, Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp, додека 14 проценти од случаите се случиле во онлајн игри, каде што карактеристиките, функциите и дизајнот на платформите биле искористени за злоупотреба на довербата на децата, се наведува во извештајот.
Истражувањето е спроведено од УНИЦЕФ како дел од проектот „Disrupting Harm“, кој заеднички го спроведуваат УНИЦЕФ, ECPAT International и INTERPOL.
Децата имале мисли за самоубиство!
Сексуалната експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата може да има длабоко влијание врз емоционалната благосостојба на децата, нивното чувство на сигурност и довербата во другите.
Искуствата што децата ги опишале за време на истражувачките интервјуа често биле поврзани со страв, срам, збунетост и изолација, при што многу од нив се бореле да разберат што им се случило или каде да побараат помош.
Според анализата, децата кои биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата имале четири пати поголема веројатност да пријават мисли или однесување поврзано со самоубиство и самоповредување, како и значително повисоки нивоа на анксиозност.
Во Мексико и Северна Македонија, на пример, ризикот од самоубиствени мисли или однесување бил повеќе од осум пати поголем кај децата кои доживеале злоупотреба, додека во Пакистан ризикот од самоповредување бил повеќе од седум пати поголем.
На глобално ниво, најчестата причина поради која децата молчеле била тоа што не знаеле каде да се обратат или кому да му кажат.
Ситуацијата е алармантна во Северна Македонија!
Истражувањето ги истакнува специфичните ризици со кои се соочуваат децата во Северна Македонија, но и значајните можности за зајакнување на услугите за превенција, пријавување, ментално здравје и заштита, како и одговорите на дигиталните платформи и другите засегнати страни со цел подобра заштита на децата на интернет.
Околу 11.727 деца на возраст од 12 до 17 години (9,4%) кои користат интернет во Северна Македонија доживеале најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба на деца овозможена преку технологијата во годината пред спроведувањето на анкетата, во споредба со просечна стапка од 18% во 21 земја опфатена со анализата.
Северна Македонија ја забележала највисоката стапка меѓу деветте земји вклучени во вториот круг на истражувањето кај децата кои биле загрозувани или уценувани за да се вклучат во сексуални активности (4,4%, во споредба со просекот од 3%), како и кај децата на кои им било заканувано со споделување на нивни сексуални слики или видеа (4,2%, во споредба со просекот од 2%).
Се создаваат сексуални слики и видеа со вештачка интелигенција!
Северна Македонија, исто така, ја забележала највисоката стапка меѓу деветте земји на деца кои пријавиле дека биле создадени сексуални слики или видеа генерирани со помош на вештачка интелигенција, на кои тие биле прикажани (4,3%). Ова е повеќе од двојно над просекот од 2,0% во анализираните земји.
Овие наоди покажуваат како новите технологии создаваат нови ризици за безбедноста на децата на интернет.
Осум од десет (80%) инциденти вклучувале лице кое детето веќе го познавало, вклучително пријатели, членови на семејството, романтични партнери или познаници.
Училиштето и домот исто така биле важни средини каде што децата првпат се сретнале со сторителите: 18,3% од нив првпат ги сретнале на училиште, а 18,5% во домот.
Северна Македонија, исто така, регистрирала највисок процент на возрасни сторители меѓу деветте земји вклучени во вториот круг на истражувањето. Речиси шест од десет инциденти (59%) вклучувале возрасен сторител, во споредба со просекот од 34%.
Во Северна Македонија, децата кои доживеале сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават мисли или однесување поврзано со самоубиство, како и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување, во споредба со децата кои не доживеале таква злоупотреба.
Охрабрувачки е тоа што Северна Македонија ја регистрирала највисоката стапка на откривање на злоупотребата меѓу земјите учеснички. Речиси девет од десет деца (87,6%) кои доживеале злоупотреба му кажале некому што им се случило, во споредба со просекот од 59%.
Децата најчесто им ја откривале злоупотребата на своите мајки, пријатели, татковци и браќа или сестри, што ја нагласува клучната улога на семејството и врсничките мрежи во поддршката на децата.
Сепак, како и во другите земји, помалку од 1% од случаите биле пријавени преку официјалните механизми за поддршка, како што се полицијата, социјалните работници или линиите за помош.
Итно мора да се најде решение и да се заштитат децата!
Овие наоди нагласуваат дека сексуалната експлоатација и злоупотреба на децата овозможена преку технологијата не е само онлајн проблем. Таа често е вкоренета во постојните односи на децата и нивната секојдневна средина. Затоа, заштитата на децата бара многу повеќе од мерки за онлајн безбедност.
Државата треба да бара поголема контрола и заштита од дигиталните платформи, посилна заштита на приватноста на децата, ограничувања на несаканиот контакт со возрасни, побезбедни системи за препораки, како и подобро откривање и пријавување на злоупотребата.
Потребно е зајакнување на законите, регулативите и одговорноста, со обезбедување на потребните механизми и мерки за спроведување за справување со новите форми на злоупотреба, вклучително и сексуалната изнуда и материјалите со сексуална злоупотреба генерирани со вештачка интелигенција.
Треба да се изградат сигурни системи за пријавување и поддршка на децата, вклучително и инвестиции во заштитата на децата, здравството, правдата и социјалните услуги.
Северна Македонија треба да ја надгради подготвеноста на децата да зборуваат за злоупотребата, обезбедувајќи секое откривање да резултира со навремена, координирана и кон детето насочена реакција.
Потребно е зајакнување на свеста кај семејствата и заедниците, промовирање здрави односи и дигитална отпорност, подобрување на механизмите за пријавување, обезбедување пристап до услуги за поддршка прилагодени на децата и зголемување на одговорноста на технолошките платформи со цел создавање побезбедна дигитална средина за децата.






