Вокалниот квартет „Sarah Mace & The Girlzz“, составен од Ана Петановска, Калина Велковска, Теа Богатинова и Сара Мејс, заедно со Божиќниот оркестар под диригентската палка на Иван Еминовиќ, годинава по петти пат ја претставуваат новата „Зимска симфонија“.
По успешните турнеи во изминатите години, составот за првпат најавува концертно доживување во Националната опера и балет (МОБ) во Скопје, кое ќе се одржи на 20 декември. Според најавите, празничниот музички серијал, исполнет со светски и домашни новогодишни хитови, годинава добива интерактивна сценска приказна наменета за сите генерации.
Од организаторот „Евентум“ посочуваат дека наскоро ќе бидат објавени и деталите за останатите декемвриски концерти низ државата. Билетите за скопскиот концерт се веќе пуштени во продажба преку платформата e-ticket.mk.
Годинешниот проект е поддржан од главниот партнер „Пелистерка“, преку нивната општествено одговорна кампања за стоп на фемицидот во земјава, а Сара Мејс за претстојните денови најавува и ново музичко изненадување.






