Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакна важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток – соопшти Министерството за европски прашања.
Во своето обраќање министерот Сали нагласил дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество претставуваат заеднички закани за земјите членки на ЕУ и за земјите кандидатки. Според него, демократската отпорност стана суштински дел од европската безбедност.
– Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Северна Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество придонесувајќи за реформите во темелните области на пристапниот процес – нагласува МЕП.






