За оваа година, Министерството за одбрана добива рекорден буџет од 358 милиони евра. Официјалните податоци покажуваат дека во дел од касарните низ другите градови се работи турбо, а честопати може да се забележи актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски како шета со цела свита позади себе, за да ги провери инфраструктурните активности. Од тука осамнуваат фотографии како се одвива целиот процес и како се вложува во подобрување на стандардите на војниците.
Тоа е едната страна на паричката, но другата покажува една сосема друга реалност. „Фокус“ располага со бројни фотографии за начинот на кој функционираат војниците, како се капат во кофа од поликолор, во која има избушено чеп, како се хранат и со што се хранат, што покажува дека состојбата е алармантна и тоа во Армијата, која е НАТО членка.
Дел од фотографиите покажуваат дека војниците се хранат во катастрофални услови, и тоа во 21 век, дека храната се пренесува во загадени канистри стари со децении, канистри зар’ѓани, а гумата скапана. Во такви услови се чува храната, која ја јадат војниците.
Но, тоа не е сè. Уште поалармантна е состојбата во тоалетите, каде што се гледаат ‘рѓосани казанчиња, валкани и скршени плочки, поцрнети ѕидови… Исто така, располагаме и со фотографии од тоалети, каде што на самиот ѕид е ставена хартија на која пишува дека водата не е за пиење, а, според нашите информации, тоа се случува во повеќето касарни низ државава. Дури постоеле касарни, во кои повеќе од 35 години има неисправна вода.

„Фокус“ на оваа тема поразговара со неколку војници, кои без влакна на јазикот ги споделија условите во кои работат и функционираат.
–До кога ќе се сликате и шетате на состаноци без никаков ефект е прашањето на сите припадници на Армијата? До кога во вакви услови, како на сликите, ќе се хранат припадници на Армијата која е НАТО членка. До кога ќе ги манипулирате припадниците на Армијата и ќе ја лажете јавноста дека нешто се менува.
Тоа е жално што се случува. Работата е доведена до дното. Во 21 век работиме во услови под секое човечко достоинство, храната е катастрофа, тоалетите кај што се тушираме е една обична кофа со чеп. Замислете, ние сме тие што се грижиме за безбедноста на државата. И што е најжално, никому не му е важно. Си тераат пропаганда, а ние сме вистинска мизерија, објаснуваат за „Фокус“, војници што сакаа да останат анонимни.
Од друга страна, пак, Министерството за одбрана е со сосема спротивен став. Од таму тврдат дека за условите во објектите на Армијата информираат редовно и опширно.
–Да, постојат армиски објекти што повеќе од половина век се оставени на забот на времето. Но, оваа слика ја менуваме со секој изминат ден. Инвестициите од над 3 милиони евра оваа година и планот за инвестирање на дополнителни 12 милиони евра во реконструкции на армиската инфраструктура се показател за тоа дека сериозно се работи на реконструкции и реновирање низ сите армиски касарни. Министерот Мисајловски, во изминатиот период посети повеќе касарни и објекти, кои се во фаза на целосна реконструкција во касарните во Велес, Штип, Прилеп, Скопје…
Се инвестира во целосно внатрешно уредување, вклучувајќи и санитарни јазли, замена на електрична инсталација, осветлување, системи за вентилација и за греење, подни облоги, молерофарбарски работи… На армиската инфраструктура се работи како никогаш досега и тоа останува како еден од нашите приоритети. Сите овие инфраструктурни зафати се прават согласно приоритетите на Армијата“, се наведува во официјалниот одговор од Министерството за одбрана.
https://fokus.mk/foto-video-vo-kakvi-katastrofalni-i-ochajni-uslovi-raboti-makedonskata-armija/






