Aвстриската полиција во градот Браунау ам Ин од вчера има нов дом. Полициската станица и седиштето на окружната полиција сега се наоѓаат на „Салцбургер Ворштат“ 15. Ова не би било вест за која би се заинтересирал некој ако на тоа место, во април 1889 година, не бил роден Адолф Хитлер, самопрогласениот нацистички водач (Фирер) на Третиот рајх, кој им ја донесе на Европа и на светот Втората светска војна со десетици милиони жртви и беше, главно, одговорен за холокаустот, систематското убиство на околу шест милиони Евреи, пишува „Дојче веле“.
Родителите на Хитлер, кои живееле во таа куќа во изнајмен стан, се иселиле по само неколку месеци. Денес, оваа зграда има многу бурна историја зад себе: по анексијата на Австрија кон Третиот рајх во март 1938 година, нацистичката партија НСДАП ја купила и во неа го основала својот културен центар. По војната, зградата им била вратена на претходните сопственици, а државата станала закупец, па таа служела како библиотека, потоа како училиште и, конечно, како работилница за лица со попреченост. Од 2011 година, зградата е празна. Во 2016 година, Република Австрија донесе одлука за нејзина експропријација за да ги спречи неонацистите да го присвојат местото за своите поклоненија. Целта беше да се „неутрализира целото место“.
Австриското Министерство за внатрешни работи формираше комисија за историски коректен однос кон родната куќа на Адолф Хитлер, на која ѝ ја довери задачата да развие концепт за идна употреба на овој историски оптоварен имот. Комисијата се залагаше за „социјално-хуманитарна или административно-државна намена“. Оскар Дојч, претседател на еврејската заедница во Виена и член на комисијата, за ДВ во 2023 година изјави: „Секогаш стануваше збор за тоа да се осигуриме дека оваа куќа нема да стане место за собирање нацисти“. Тој додаде дека можел да замисли и други употреби, но нагласи дека таму е предвидена полициска станица на демократска правна држава, чија задача, меѓу другото, е да дејствува против неонацистичките активности. Сепак, според анкета од 2023 година, само шест проценти од Австријците се согласиле таму да се всели полицијата. Историчарот Оливер Ратколб, исто така член на комисијата, во писмена изјава за ДВ објаснува: „Како прва опција, едногласно предложивме институција што го слави животот, како што е хуманитарната организација „Фолксхилфе“, но тие одбија. Благодарение на полициската станица, обожавателите на Хитлер ќе бидат одвратени од тоа да се фотографираат и да прават селфи пред целосно реновираната куќа“.
Зградата сега е целосно реновирана, вклучувајќи ја и нагласената едноставна фасада, за околу 20 милиони евра. На новата фасада нема да има никаква информативна табла. Експертскиот комитет препорача спомен-плочата, која се наоѓа пред куќата и потекнува од Маутхаузен – најголемиот концентрационен логор во Австрија, да се премести на друго место во Браунау. На неа пишува: „За мир, слобода и демократија. Никогаш повеќе фашизам. Милиони мртви предупредуваат“. Сепак, општината одлучила поинаку и ја оставила плочата таму каде што бил. На конечниот резултат граѓаните на Браунау гледаат со измешани чувства.
Полиција е сместена и на последната регистрирана адреса на Хитлер во Германија. Зградата на „Принцрегентенплац“ 16, во минхенскиот округ Богенхаузен, му припаѓала на Хитлер до неговата смрт. По тоа, служела за разни административни цели. Полициската станица, која е таму од 1998 година, неодамна ги отвори вратите за одбрани настани со цел да покаже дека ова место со тешко минато денес е дом на демократските вредности.






