Стареењето на населението станува еден од клучните предизвици за здравствените системи, не само кај нас, туку и глобално. Според д-р Милан Ристевски, демографските трендови директно влијаат врз порастот на болестите и оптоварувањето на здравството.
„Сите нации за жал стареат, освен Африка. Колку е поразвиен светот, толку повеќе старее. Пред 100 години, половина од популацијата не доживувала ни 35 години, немало антибиотици и условите биле сосема поинакви“, вели Ристевски.
Тој објаснува дека денешното подолго живеење природно носи и повеќе здравствени проблеми, особено хронични и малигни заболувања.
„Нормалното стареење носи поголем број заболувања, а со тоа и рак. Од 14-те белези на ракот, дури пет се директно поврзани со процесот на стареење“, посочува Ристевски.
Овие трендови, додава тој, отвораат сериозни прашања за одржливоста на здравствените системи и потребата од прилагодување на политиките кон новата демографска реалност.








