Царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на двајца македонски државјани – сопружници, пронашле 68 илјади австралиски долари.
Од Царинската управа информираат дека иако со себе носеле поголема сума на девизи, наместо да се упатат на црвениот канал, тие се упатиле на зелениот, наменет за патници кои немаат ништо за пријавување. Патниците биле селектирани за детална контрола при што биле пронајдени непријавените девизи.

Од Управата додаваат дека согласно Законот за девизно работење, поединечно им се вратени девизи во противредност од по 10 илјади евра (вкупно 33 илјади австралиски долари), а преостанатите 35 илјади австралиски долари се запленети.
„Царинската управа во континуитет презема активности насочени кон спречување на нелегален прекуграничен пренос на готовина“, порачаа од Царина.








