Home » Речиси ништо не се прави за да опадне бројот на детски раѓања и (вон)брачни заедници

Речиси ништо не се прави за да опадне бројот на детски раѓања и (вон)брачни заедници

by Журнал.мк

Бројот на девојчиња од 15 до 19 години кои живеат во брачна заедница е пет пати поголем отколку бројот на момчиња на оваа возраст, односно во брак живеат 1.355 адолесцентки наспроти 260 адолесценти. Истовремено, 1,9 отсто од вкупното женско население во оваа возрасна група има родено едно или повеќе деца, што е незначително намалување споредено со бројките од 2018 година.

Овие податоци се дел од публикацијата „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“, која ги влече податоците од последниот попис во 2021 година, а воедно е и првиот документ што ги собира сите податоци за децата во земјава на едно место.

Општини со највисок процент тинејџерки од 15 до 19 години кои се во брак, се Струмица (104), Шуто Оризари (78), Прилеп (73), Радовиш (54), Гостивар (53) и Тетово (48).

„Независно од апсолутните бројки, доколку се анализира уделот на адолесцентки во брак во рамки на возрасната група на девојки на возраст 15-19 години се добива поинаква слика“, се вели во публикацијата на УНИЦЕФ.

Активистката за женски права, Рита Бехадини од Центарот за еднакви можности „Бубамара“ (Mollekuqja) смета дека ваквите бројки се вознемирувачки, а за нив се одговорни институциите.

„Ако го анализираме во кој било аспект, овие бракови не се здрави и ги ограничуваат адолесцентите како во поглед на раст и развој, така и финансиски“, вели Бехадини за Радио МОФ.

Според Законот за семејство, лице кое нема 18 години не може да склучи брак. Но, Законот предвидува исклучок, со кој може да се формира брачна заедница со наполнети 16 години, ако надлежен суд утврди дека лицето достигнало телесна и душевна зрелост за да стапи во брак.

Невладината организација „РОМА.С.О.С“ во 2016 година бараше измена за законската регулатива за да се забрани склучувањето малолетнички бракови. Но, организацијата не е активна од 2019 година по што не се продолжи процесот.

Нема евиденција за вонбрачни заедници со малолетници

Законот за семејство не ги предвидува вонбрачните заедници меѓу или со малолетни лица, што е една од причините за немањето евиденција за нивниот број во општеството.

Вонбрачната заедница со дете се санкционира според Кривичниот законик (КЗ). На Иницијатива на Народниот правобранител до Влада, поднесена во 2017 година, казна затвор од три месеци до три години се изрекува на полнолетното лице што живее во вонбрачна заедница со друго лице што не наполнило 18 години, но и на родителот/старателот што тоа го допуштил. Со Иницијативата на Омбудсманот, горната возрасна граница во КЗ се помести од 16 на 18 години.

Заменикот на Народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа вели дека со оваа измена делумно е прифатено барањето, затоа што ако малолетното лице е меѓу 16 и 18 години, кривичното гонење ќе се врши по предлог.

Во Иницијативата се бара да се дополни и Законот за семејство со одредба со која ќе се забрани живеењето на малолетници во вонбрачна заедница.

Понатаму, се бара и дополнување на Законот за средно образование со востановување на обврска за родителите да пријават кога се напушта образовниот процес поради брачна односно вонбрачна заедница на нивното дете.

Бајрамовска – Мустафа за Радио МОФ информира дека Владата на седницата одржана на 28.11.2017 година донела заклучок да ја прифати Иницијативата.

„Меѓутоа, до сега во пракса измените на Законот за семејството и Законот за средното образование не се донесени“, вели таа.

Детските бракови, според неа се причина за сиромаштија, семејно насилство, но и опасност од трговија со луѓе, особено во случаи кога се работи за вонбрачен живот со дете/лице надвор од државата.

„Затоа, освен системски промени, преку зајакнување на законите и отстранување на исклучоците, потребни се континуирани мерки за намалување на сиромаштијата како причина поради која често пати семејствата го одобруваат односно поттикнуваат раното стапување во брак на нивните деца (особено девојчињата), сметам дека клучна улога во промена на ставовите и подигање на свеста има образованието, зголемување на вештините и знаењата и што поголемо учество на децата и нивно оспособување во донесувањето одлуки кои се однесуваат на нив, односно нивните права“, потцртува Бајрамовска – Мустафа.

Не опаѓа бројот на адолесцентски раѓања

Стапката на раѓања кај адолесцентки изнесува 20 раѓања (19,7) на 1000 девојки на возраст 15-19 години. Доколку овие податоци се споредат со Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) беше спроведено во 2018 и 2019 година, на примерок од повеќе од 4000 домаќинства, постои незначително намалување на стапката на раѓања меѓу адолесцентки, од 21 на 20.

Највисок процент на млади мајки, од 15 до 19 години има кај девојчињата од ромска етничка припадност, меѓу кои 13,1% од девојките во оваа возрасна група имале родено едно или повеќе деца. Висок процент на адолесцентски раѓања има и меѓу девојчињата на возраст 15-19 години попишани преку административни извори, поради што нивната етничка припадност останува непозната.

Од достапните податоци може да се види дека 54% од адолесцентките кои родиле едно или повеќе деца живеат во урбани средини, додека 46% живеат во рурални средини.

ССО во училиштата за помалку раѓања и (вон)брачни заедници со малолетници

Од невладината организација ХЕРА која е еден од иницијаторите за вметнување на Сеопфатно сексуално образование (ССО) во програмите на формалната едукација за Радио МОФ велат дека стапката на малолетничка бременост во Македонија е меѓу највисоките во Европа.

„15,7 раѓања на 1.000 случаи, што е трипати повисока од просекот од 6 на 1.000 раѓања во земјите на ЕУ“, алармираат оттаму.

Целта на ССО, велат од ХЕРА, е на младите да им биде понудено образование кое тие ќе стекнат основни знаења за да можат да донесат одговорни одлуки за нивната сексуалност и врските во кои влегуваат. Дел од програмата е посветен на сексуалното и репродуктивното здравје.

„Преку тоа младите учат за контрацепцијата, за сексуално преносливите инфекции и како да се заштитат од нив, се разјаснуваат недоумиците за плодните денови и шансите за забременување за време на менструацијата, како да препознаат токсични и насилни врски, зборува и за одликите на здравите врски, справувањето со врсничкиот притисок и присилувањето да се има секс, за согласноста при стапувањето во прв сексуален однос, превенција и заштита од сексуалното и родово заснованото насилство“, посочуваат од ХЕРА.

Од таму упатуваат на примерот со Холандија каде формалното сексуално образование е во тек подолг период и без прекин. Просечната возраст на која младите стапувале во прв сексуален однос таму во 2019 била 17 години, а во 2022 година младите во просек имале прво сексуално искуство на 18,1 години.

ССО беше успешно пилотирано во учебната 2021/2022 година во три основни училишта во земјава, како изборен предмет за 9-то одделение.

„Евалуацијата којашто отпосле беше спроведена покажа дека меѓу учениците коишто слушале ССО – и тоа само едно полугодие – и нивните врсници во контролните училишта постојат значителни разлики не само во знаењата, туку и во ставовите поврзани со сите теми“, нагласуваат од ХЕРА.

И активистката Бехадини смета дека ССО е начин за намалување на бројот на адолесцентски бракови, па и раѓања.

„Децата имаат неконтролиран пристап до интернет и многу често добиваат погрешни информации кои можат да имаат сериозни последици. Доколку адолесцентите ги добијат точните информации на училиште, можноста за грешка во овие работи ќе биде многу помала“, забележува таа.

Но, поминаа речиси две години откако ССО беше пилотиран како изборен предмет. Сепак, од ХЕРА велат дека во согласност со новата Концепција за основното образование, ССО ќе биде воведен како изборен предмет во 9-то одделение.

„Заедно со клучните институции работиме на споделување информации во однос на ССО, а истовремено се работи и на развивање на капацитетите на наставниот кадар и стручните лица кои се одговорни за спроведување на програмата“, информираат од таму.

Инаку, волонтерите на ХЕРА спроведуваат врсничката едукација по ССО. Интересот, велат оттаму, е голем кај училиштата, бидејќи голема е и потребата да се одговори на предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа.

Ангела Бошкоска

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More