Економски раст од 3,8% за ниско развиена економија како нашата и, на пример за економијата на Словенија, не е исто. Стандардот и воопшто општествениот раст и развој го одржуваме со заеми. Засега , ваквите стапки на раст под 4%, не значат видливо подобрување на животниот стандард. Потребни ни се итни структурни реформи, вели во интервју за „Локално“ професорот Сами Беслими.
Статистички точно е дека во третиот кавртал економијата испорача раст од 3,8% отсто, колку оваа стапка на раст значи и подобар животен стандард?
–Според Министерката за финансии, стапката на раст на новосоздадената вредност (БДП) во триетиот квартал изнесува 3,6 %. Искажувањето на растот во релативни показатели (стапка, индекс, процент) го покажува трендот, но не и вредноста на растот на БДП. Доколку растот изнесува 3,8 % , тоа значи дека вкупната дополнителна нова вредност изнесува околу 350 милиони евра, што претставува вредност нешто поголема од обврските по камати на име на јавниот долг. Растот на БДП за 350 милиони евра на годишно ниво, не е доволен за раст на општествениот и животниот стандард на населението, ниту пак овозможува финансирање на инвестициите во економскиот развој.







