Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, испрати официјално предупредување до Украина да ги запре нападите врз неруски бродови во Црното Море, објави „Киев пост“.
Според американските медиуми, дипломатската порака до Киев следеше по состанокот меѓу извршниот директор на компанијата „Шеврон“, Мајко Вирт, и други лидери на нафтената индустрија, со високи функционери на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
На состанокот беше побарана дополнителна заштита на работењето на американските енергетски компании во Казахстан.
Причината за реакцијата на Вашингтон беа украинските напади со беспилотни летала врз четири танкери во близина на руското црноморско пристаниште Новоросијск, каде што еден од погодените бродови беше изнајмен од компанијата „Шеврон“.
Американски функционер потврди за „Волстрит џурнал“ дека по тие настани, администрацијата испратила официјално предупредување до Украина, во кое било нагласено дека нападите врз неруски бродови се неприфатливи.
Во исто време, беше истакнато дека администрацијата го смета Конзорциумот за Касписки нафтовод (CPC) за клучен пат за транспорт на нафта од Казахстан до европските пазари, како и важна алтернатива на руските извори на енергија.
Патем, пристаништето Новоросијск е главен извозен центар за нафта што пристигнува преку Каспискиот нафтовод, низ кој минуваат околу два проценти од вкупното дневно производство на сурова нафта во светот.
Компанијата „Шеврон“ поседува 15 проценти удел во Конзорциумот за Касписки нафтовод, додека во исто време има 50 проценти сопственост во нафтеното поле Тенгиз, најголемото и најпродуктивното во Казахстан, кое сочинува околу 12 проценти од вкупното светско производство на американската компанија.






