Странски државјанин од Романија бил успешно пронајден по координирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи, откако се изгубил при самостојно движење во реонот на Матка.
Од ЦУК информираат дека повикот за помош бил примен преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 21:55 часот. Лицето се изгубило во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.
ЦУК ја утврдил приближната локација преку повикот на 112
Веднаш по пријавата, ЦУК ги известил надлежните институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, за нивно вклучување во потрагата.
Преку постојана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеале да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците добиени преку повикот на бројот 112.
На лицето му било посочено да остане на местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќните услови, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа било најбезбедната опција и овозможувало полесно спроведување на спасувачката акција.
Потрагата траела до раните утрински часови
Во акцијата се вклучиле припадници на МВР – Единицата за видео надзор и реконструкција при СВР Скопје и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК.
Поради тешко пристапниот терен од страната на Матка, спасувачката екипа пристапила преку Националниот парк „Јасен“.
Во потрагата со теренско возило учествувал и директорот на ЦУК, Мухамед Али, како поддршка на полициските екипи на терен.
Пронајден во стабилна состојба
По неколкучасовна потрага, во 03:45 часот лицето било успешно пронајдено.
Според информациите од ЦУК, мажот бил видно испаничен и дезориентиран, но бил во стабилна здравствена состојба.
По пронаоѓањето, тој бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презело понатамошни активности согласно своите надлежности, со оглед дека станува збор за странски државјанин.






